Претставата „Народен пратеник“ во продукција на Македонскиот народен театар (МНТ) ја освои главната награда „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава на 45. фестивал „Борини позоришни дани“ во Врање, Србија.
Жирито, составено од Наташа Гвозденовиќ, театарска критичарка, Трајче Кацаров, драматург, и Васил Василев, театарски режисер и претседател на жирито, едногласно го прогласи МНТ за победник. Во образложението истакнаа дека претставата „се издвојува како најдобра, бидејќи е комплексно и вешто режирана и е сместена во автентичен простор што го засилува доживувањето на дејствието.“
„Ова признание е потврда за континуираната посветеност и креативност на целиот ансамбл на МНТ. Горди сме што претставата „Народен пратеник“, во режија на Егон Савин, успеа да ја пренесе универзалноста на Нушиќевата комедија и да ја доближи нашата театарска енергија до публиката во регионот. Победата во Врање не е само успех на претставата, туку и на целата институција, која постојано вложува во уметнички вредности, професионализам и меѓународна соработка. Ова е поттик да продолжиме со уште поголем ентузијазам и креативна сила“, изјави директорот на МНТ, Никола Кимовски.
Годинава во конкуренција за наградите учествуваа седум претстави, со меѓународна селекција која вклучува четири претстави од Србија, две од Република Српска и една од Македонија.
Претставата, сценско остварување по мотиви од големиот комедиограф Бранислав Нушиќ, е во режија на еден од водечките балкански театарски режисери Егон Савин, и беше изведена на сцената „Бора Станковиќ“ на 24 октомври.
Во претставата настапуваат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (глас), како и ансамблот Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Фестивалот „Борини позоришни дани“ се одржа од 21 до 28 октомври под слоганот „Смеење, тишина, вистина и уште по нешто“. Со традиција од четири и пол децении, овој фестивал е значаен културен репер на српската и регионалната театарска сцена, промовирајќи висококвалитетни сценски уметности и создавајќи простор за дијалог меѓу различни културни вредности.
Успехот на МНТ на овој престижен фестивал дополнително ја потврдува стратегиската ориентација на театарот кон регионална соработка, културна размена и афирмација на македонската театарска уметност пред пошироката меѓународна јавност.