Двајца првенци на Македонски народен театар во ист ден беа наградени за своите улоги во претставата „Народен пратеник”, на два различни фестивали, потврдувајќи го високиот уметнички квалитет на ансамблот и силниот регионален одек на театарот.
Актерот Тони Михајловски ја доби наградата за најдобар актер на вечерта, доделена веднаш по изведбата на претставата на јубилејното 30. издание на фестивалот „Актерски свечености – Миливоје Живановиќ” во Пожаревац. Настапот на ансамблот беше проследен со силни аплаузи и одличен прием од фестивалската публика и стручната јавност.
„Актерски свечености – Миливоје Живановиќ” е реномиран театарски фестивал кој од 1995 година се одржува во Центарот за култура во Пожаревац, во чест на еден од најголемите српски актери – Миливоје Живановиќ. Фестивалот традиционално се одржува во првата недела од април и на публиката ѝ нуди селекција на најдобрите претстави од годишната продукција на престижни театри во Србија и регионот.
Програмата се состои од пет натпреварувачки вечери, а победниците влегуваат во конкуренција за главната награда – статуетата „Миливоје Живановиќ”. Помеѓу досегашните лауреати се значајни актерски имиња како: Љубомир Тадиќ, Драган Миќановиќ, Војислав Воја Брајовиќ, Предраг Ејдус, Ружица Сокиќ, Милан Лане Гутовиќ, Предраг Мики Манојловиќ, Небојша Глоговац и Јелисавета Сека Саблиќ.
Истовремено, во Велес, во рамките на петтото јубилејно издание на фестивалот „5-РЕ”, актерката Тања Кочовска ја доби наградата за најдобра споредна женска улога за својата впечатлива интерпретација на ликот Спиројца.
Со едногласна одлука, жирито во состав Зорица Панчиќ, Владимир Тулиев и Елеонора Теова ја истакна нејзината остра духовитост, доминантно сценско присуство и автентична интерпретација, нагласувајќи дека „секој нејзин гест и реплика се претвораа во победа”, а нејзината изведба ја издвои како еден од највпечатливите сценски моменти на фестивалот.
Претставата „Народен пратеник”, по текст на Бранислав Нушиќ и во режија на Егон Савин, бележи значајна меѓународна сценска присутност како дел од балканската турнеја. Досега е изведувана во Народното позориште во Белград, Црногорското народно позориште во Подгорица, како и на повеќе сцени низ Босна и Херцеговина, а беше дел и од програмата на реномираниот фестивал „Стериино позорје”.
Продукцијата е добитник на повеќе значајни признанија, меѓу кои главната награда „Борисав Станковиќ” за најдобра претстава во целина на фестивалот „Борини позоришни дани”, како и специјалната „Стериина награда” за колективна актерска игра.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.