Двете изведби ќе се одржат на 9 септември во Центарот за култура „Антон Панов“. Публиката најнапред ќе може да ја проследи претставата „Народен пратеник“ со почеток од 20:00 часот, а веднаш потоа, од 22:00 часот, ќе биде изведена и „Бели ноќи“.

Годинешното издание на фестивалот беше свечено отворено на 8 септември, симболично – на Денот на независноста, и ќе ги обедини најдобрите камерни театарски продукции од Македонија, Србија, Бугарија и Италија.

Претставата „Народен пратеник“, напишана од Бранислав Нушиќ, е во режија на Егон Савин. Наместо сорадикален современ пристап, режисерот суптилно ја истакнува универзалната траги(коми)чна слика за политичкото лицемерие и корупција, каква што Нушиќ мајсторски ја прикажал. Оваа продукција е добитник на Специјалната Стериина награда за колективна актерска игра, а на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас), како и ансамблот составен од: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.

Втората претстава на МНТ, „Бели ноќи“, е камерна сценска адаптација според истоимениот роман на Фјодор Михајлович Достоевски, во адаптација и режија на Звездана Ангеловска. Во оваа емотивна приказна за соништата, љубовта и слободата, настапуваат актерите Ана Јовановска и Дамјан Цветановски. Претставата ја отвора дилемата: дали имаме храброст да ги следиме сопствените копнежи или се откажуваме од нив во име на општествените очекувања?

Со овие две претстави, Македонскиот народен театар уште еднаш го потврдува своето значајно присуство на фестивалот „Ристо Шишков“, кој низ годините се етаблира како еден од највлијателните културни настани во областа на камерниот театар во регионот.