На 26 септември, на сцената во НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово, како дел од 28. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“, ќе биде одиграна копродукциската претстава на МНТ „Бог на колежот“.
Претставата е работена според мотивите на славната драма „God of Carnage“ од Јасмина Реза, во адаптација и режија на Весна Петрушевска. На сцената ќе настапат актерите Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Наталија Теодосиева и децата од актерската школа на Петрушевска.
Иако минималистичка, „Бог на колежот“ нуди длабока критика на лицемерието, лажниот морал и распадот на семејните и општествените вредности. Преку судирот меѓу двe брачни двојки – навидум култивирани и учтиви – се разоткриваат човековата ранливост, агресија и емоционална нестабилност. Сцената во станот е метафора на клаустрофобичниот современ живот, во кој фрустрациите и потиснатите чувства експлодираат во апсурден колеж. Публиката, како тивок сведок, неретко се препознава во овие горчливи конфликти – токму затоа што се вистинити.
Престижното признание „Лауреат“ годинава фестивалот ѝ го додели на искусната актерка Весна Петрушевска, како благодарност за нејзиниот исклучителен придонес кон македонскиот театар, особено во областа на комедијата.
Со уникатна сценска енергија, актерска прецизност и вродено чувство за хумор, Петрушевска е една од најпрепознатливите фигури на современата македонска театарска сцена. Нејзиниот талент се согледува во улоги што остануваат запаметени – не само по смеата што ја предизвикуваат туку и по слоевитоста, длабочината и општествената критика што ја носат.

Комедијата, во нејзините изведби, не е само форма на забава туку и алатка за размислување и за емпатија. Со доделувањето на ова признание, фестивалот ѝ оддава заслужена почит за нејзината посветеност и силното влијание врз развојот на театарската уметност во Македонија.
Фестивалот „Денови на комедија“ официјално започна на 24 септември и ќе трае до 10 октомври. Публиката ќе има можност да проследи вкупно единаесет претстави, помеѓу кои и продукцијата на МНТ.