МНТ со „Ничија земја“ гостува во Националниот театар во Будимпешта

Македонскиот народен театар в среда ќе настапи на сцената на престижниот Национален театар „Nemzeti Színház“ во Будимпешта со наградуваната претстава „Ничија земја“.

Настанот претставува значаен чекор во меѓународната промоција на современата македонска театарска уметност, како и во продлабочувањето на културната соработка меѓу двете институции.

Гостувањето е резултат на Меморандумот за соработка, кој го потпишаа директорот на МНТ, Никола Кимовски, и директорот на Националниот театар во Будимпешта, Атила Видњански. Според договорот, унгарскиот Национален театар ќе возврати со гостување во Скопје напролет, со што се воспоставува континуиран културен дијалог меѓу двата театри.

Во изјавата во пресрет на премиерното гостување, Кимовски нагласи дека ова претставува силна потврда за квалитетот и зрелоста на македонскиот ансамбл. „Ова гостување е повеќе од еднократен културен настан – тоа е ново поглавје во нашата меѓународна соработка. Унгарската публика ќе има можност да ја почувствува енергијата на ‘Ничија земја’, а ние со нетрпение го очекуваме нивното гостување во Скопје. Верувам дека ова партнерство ќе прерасне во долгорочна и продуктивна размена,“ изјави директорот.

Публиката ќе ја проследи претставата во изведба на актерскиот ансамбл на МНТ: Сашко Коцев, Тони Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Борче Начев, Оливер Митковски, Софија Насевска-Трифуновска, Александар Михајловски, Томе Станковски, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ненад Анѓелковиќ, Никола Стефанов, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Ивановски и Марија Кондовска.

Будимпештанскиот Национален театар „Nemzeti Színház“ е еден од најсовремените театарски комплекси во Европа. Објектот со кружна форма располага со четири сцени: голема сцена со капацитет од 619 седишта, студио-простор со 150 подвижни седишта, сала за камерни претстави и мал интимен сценски простор. На отворената сцена на брегот на Дунав се изведуваат фестивали, летни претстави и специјални културни настани.

Комплексот е опкружен со скулптури, сценографски инсталации и уметнички елементи инспирирани од историјата на театарот. До главниот влез се пристапува преку мост, алузија на монументалните влезови на старите театри. Плоштадот пред фасадата е обликуван како преден дел од брод што навлегува во вештачко водно корито — симболично продолжение на Дунав. Во водната површина е прикажана и силуета од старата зграда на Националниот театар, како омаж кон историскиот континуитет на унгарската театарска уметност.

Во паркот околу театарот се наоѓаат две големи просторни инсталации: лавиринт од високи живи огради и пирамидална структура инспирирана од античките светилишта и митски форми, што го прави просторот уште повеќе архитектонски и сценски единствен.

Со ова гостување, МНТ го зацврстува своето присуство на европската театарска мапа и отвора нови можности за меѓународни партнерства. „Ничија земја“ добива уште една важна сцена, а македонската театарска уметност — заслужена видливост пред европската публика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни