Во рамките на вечерашното гостување на Народно позориште од Белград на големата сцена на Македонски народен театар, со изведбата на претставата Вообразениот болен, се одржа официјална средба меѓу директорот на МНТ, Никола Кимовски, и извршната директорка на Драмата при Народно позориште – Белград, Анѓелка Вујовиќ.

Средбата помина во атмосфера на заемна почит, отворен уметнички дијалог и јасна заедничка визија за продлабочување на културната соработка меѓу двете институции. Разговорите беа насочени кон размена на искуства, зајакнување на професионалните врски и унапредување на регионалната театарска сцена преку заеднички проекти и гостувања.
Овој настан претставува уште една потврда за значењето на меѓународната културна размена како простор на зближување, во кој театарот функционира како жив мост меѓу различни културни контексти, традиции и современи сценски изрази. Во време на општествени и политички турбуленции, токму уметноста останува универзален јазик што ги надминува границите.
Заедничките гостувања – вечерашното во Скопје и претстојното гостување на претставата „Народен пратеник“ на 4 јуни оваа година во Белград – се дел од поширок контекст на соработка што се реализира во пресрет на одбележувањето на значајниот јубилеј 80 години Македонски народен театар.
Продолжувањето на ова партнерство испраќа јасна порака дека регионалната театарска сцена има капацитет за солидарност, креативна размена и заедничко градење на културен простор во кој уметноста е над институционалните и националните рамки.