Фестивалот, кој се одржува од 22 до 27 септември, ќе понуди натпревар меѓу шест претстави во категориите: најдобра претстава, најдобра актерка и најдобар актер. За наградите ќе одлучува тричлено жири.
Фестивалот „Отело“, кој започна пред речиси една деценија, прерасна во значаен културен настан и глас за театарот во локалната заедница. Иако е создаден од ентузијазмот на Здружението за култура и уметност „Отело“, тој успеа да стане релевантен во регионот и во Македонија.
„Играњето онаму каде што театарот е реткост е неверојатна привилегија за мене како режисерка, зашто токму таму гледаме колку е значајна нашата работа и колку театарот може да менува перцепции, ставови, па дури и животи“, изјави Нина Николиќ.
Драмата на Драгана Лукан обработува длабоко интимни теми – скриени трауми, стравови и копнежи на современиот човек. Делото ја отвора и темата за слободата и правата на жените, кои, како што нагласува режисерката, мора гласно да се истакнуваат.
„Марта Верина“ е приказна за жена која поради своите „погрешни“ избори е исклучена од општеството и живее со товарот на својата „грешка“. Текстот е напишан низ „клучалка“ и го вовлекува гледачот во непријатна интимност, прикажувајќи живот зад затворени врати со ликови што сите ги познаваме – блиски, контрадикторни и човечки.
Во претставата настапуваат: Дарја Ризова, Григор Јовановски, Благој Веселинов, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Амернис Нокшиќи, Софиа Насевска-Трифуновска и Саша Ханџиќ.
Сценографијата е на Илина Ангеловска, костимите на Ивана Каранфиловска Угуровска, музиката на Оливер Митковски и Андреја Салпе, а постерот го дизајнираше Сара Митова.
Претставата е копродукција меѓу Македонскиот народен театар и „Перипетија продукција“.