Македонските државјани да ја напуштат Сирија во првата можна шанса и да ги одложат сите патувања таму, апелираат вечерва од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија по влошената безбедносна состојба во оваа држава.
„Како и секогаш, Министерството им ги става сите свои капацитети за асистенција на нашите државјани и посочува на СОС-дежурниот телефон на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија +389 75 268 736 (електронска адреса: globalsos@mfa.gov.mk)“,информираат од МНР преку писмено соопштение.
Оттаму додаваат оти постои можност за натамошно влошување на ситуацијата во Сирија, а заедно со тоа и намалени можности за навремено напуштање на државата.
Безбедносната ситуација во Сирија се влоши оваа недела кога бунтовничките групи предводени од Хајат Тахрир ал-Шам влегоа во два града во централна Сирија, Растан и Талбисех, и дојдоа на пет километри од градот Хомс откако претходно ги освоија градот Хама и Алепо на север и најавија напад на Дамаск.
Во меѓувреме, шиитските владејачки партии и вооружените групи во Ирак рекоа дека ги разгледуваат аргументите за и против вооружената интервенција во Сирија гледајќи го напредувањето на сунитските исламистички бунтовници во земјата како сериозна закана.