Многу зборуваме, ништо не правиме, се плашиме јавно да им судиме на лошите

Ќе бидам искрена со вас уште на самиот почеток. Во Македонија има толку за што може да се пишува, толку многу што да се каже, а на крај јас и самата како писател се повлекувам и си велам „Која е поентата?“. 

Не верувам дека ова е само мој впечаток, дека станавме нација и народ која се си знае и нема што некој да и му кажува или да го советува. Секој пост на социјалните мрежи е исполнет со коментари на осуда, негативност и „како да не, јас знам подобро!“. Буквално и најубавата вест што може да ја пренесете на јавноста ќе биде дочекана со негативни коментари и „досетливи“ крајно невкусни „шеги“.

Кога станавме толку песимистички народ и без волја за што било?

Дефинитивно многу фактори влијаат на (не)среќата на Македонцијте, но на крајот нели сме ние тие кои треба сами да си ја креираат својата судбина? Имам чувство дека се претворивме во народ кој многу зборува, но ништо не прави. Или ништо не сака да направи! Како да очекуваме дека треба некој друг да дојде и наместо нас да се избори за нешто да се промени и подобри во државата. 

Секоја чест на исклучоците. Искрено на луѓето кои се уште се обидуваат да променат нешто, им се дивам. Зошто? Затоа што кај нас буквално да направиш нешто добро е еднакво на старата изрека „Рани куче да те лае“. Затоа и нивнатата упорност заслужува восхит. 

Едно време така упорна бев и самата јас. До душа, не сум имала можност да направам некоја голема промена, но знам дека и најмалите се еднакво важни. Ако ме прашате дали и до ден денес се обидувам да сменам нешто, ќе ви речам „Да“. Но, сега за разлика од претходно точно знам кога да направам чекор наназад и да се повлечам затоа што со будалата никој не може да се разбере. Не ми е целта да навредам никој, но такви будали, овде имаме за извоз. 

И почнавме да ги извезуваме. Но таму кога ќе отидат во туѓината, истите тие не фрлаат ѓубре кај стигнат, не уништуваат јавен имот и не пробуваат гредите од клупите за седење да си ги однесат во двор. Возат како што треба, застануваат на пешачки и знаат да ја користат помошната лента на автопати. Таму истите тие ни лушпи од сончоглед не фрлаат на земја. 

Овде? „Што овде?

Држава ја напуштаме полека, но сигурно. Тие што остануваме самите си правиме уште потешко да се живее овде. Во исто време, кукаме како ништо не фукнционира. 

Знаете веќе, ама ќе повторам за секој случај. Рибата не мириса од опашката, туку од главата! 

Ајде еден најобичен пример. Пред некој ден стоев како будала сама на семафорот, црвен за пешаци, дури сите други претрчуваа. Толку ми падна криво што една мајка му објаснуваше на детенцето дека не смее да поминува на црвено, додека тоа збунето гледаше како оние кои треба да му бидат за пример, го прават тоа!

Го шетав кучето и застанав да го соберам изметот. Помина група на постари луѓе и гласно искоментираа, „Како да не, ќе му го собирам изметот на кучето“. Зошто да не? Нели сакаш држава да е ова? Нели зборуваш како парковите се полни со кучешки измет? Сакаш и ти и детето да може да трчате на таа трева. Да седнете, да одморите. Ама дека сме премногу „господа“, под чест ни било да го собераме изметот на кучето. 

Ќе прошетаме до некаде и ќе се вратиме, па ќе раскажуваме со денови како било чисто и убаво. Да, ама таму не ги мрзи дури ни пикавецот да одат да го фрлат во канта. Овде, одиме по улица, фрламе се кај ќе најдеме и згора на тоа сочно од дно на плуќа ќе плукнеме на земја со „Држава ли е ова?!“ 

Со вакви кави што сме, добро и што е ваква Македонија. Разумен човек би очекувал да е и многу полошо. Седев и во автобус и се расправав со тинејџер дека нема потреба да го крши автобусот. Но, дур се расправав, жената до мене ме прекина со „Што си трошиш сили да објаснуваш? Батали.“ 

Епа затоа што баталувме, сме овде каде што сме. 

„Абе решивме се, уште ова ни остана!“ 

Ништо не сме решиле, ама бар ова може да не биде проблем. Ова се најмалите промени кои може да ги направиме, но не сакаме. Како тогаш да се направи некоја позначајна промена? 

„Ќути си, може да биде и полошо“. 

Премолчувањето за се што не е правилно, дали е најмалата работа како некој пред тебе што фрла пластично шише онака лабаво во природа (иако не е мала), те прави дел од проблемот.  За крај бар ќе ве замолам за нешто многу лесно. Не треба многу напор и не е коплициран концепт да се разбере. Сакам колективно да пробаме ако веќе не можеме да бидеме дел од решението, бар да не бидеме дел од проблемот. 

Ви благодарам што ме прочитавте. Дури и еден процент да ме поддржи во ова јас ќе бидам благодарна, затоа што сепак е промена или бар обид за неа. 

Авторката е магистер по правни науки, писателка, станд ап комичарка и радио и ТВ водителка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни