Пред некое време налетав на статистика oд Националната агенција за Еразмус која покажува дека Македонците во 2022 срушиле рекорди во поглед на користењето на Еразмус програмата. Повеќе од 10 000 луѓе учествувале во нејзини активности. Изненадувањето доаѓа од фактот дека додека како студентка и млад човек користам повеќе од можностите кои се или биле дел од програмата, многу малку од моите врсници или познаници се во суштина запознаени со неа и тоа како можат да ја користат.
Имено, станува збор за програма поддржана од Европската Унија преку која со посебен одвоен буџет се поддржува мобилност на тренинзи, размени, студиски престои, образование и спорт на млади и останати кои сакаат да се едуцираат и да ги зголемуваат своите вештини. Програмата ја дознав сосема случајно, затоа што од дете волонтирав во младински организации. Првпат преку неа патував во Италија, на 17 години веројатно, и по враќањето дома бев тотално во позитивен шок.
Иако програмата, според оваа статистика погоре, во Македонија се користи сè повеќе, голем дел од младите сè уште не знаат за што станува збор и како да ги искористат нејзините можности.
Познавам еден куп фантастични млади луѓе кои би пробале да ја искористат макар со студиски престои од една недела и да искусат нешто интересно надвор од нивната земја, ама не знаат како. Еразмус плус во суштина не подразбира само размена на ниво на факултетско образование, која подразбира платени трошоци за семестар во странство.
Напротив, дел од неа се и голем број студиски престори, тренинзи и размени од по десетина дена, на различни теми, со покриени трошоци низ цела Европа и куп други можности за мобилност со различни услови. Исто така, би требало да подразбира дека информираноста за неа како можност за мобилност ќе биде прилично едноставно, брзо и достапно уште во најраните фази на образование.
Оттаму, чувствувам привилегија да познавам млади луѓе што студирале надвор или редовно оделе на тренинзи и размени низ Европа и тоа ми помогна да знам како да ги искористам нејзините ресурси. Ама ова, не е нешто кое се случува туку така, ниту е често. Сигурна сум дека без претходната позадина во младински организации, ни самата немаше да имам поим за овие можности и оттаму, потешко ќе стигнев до нив дефинитивно.
Младинската мобилност е толку важна и поттикнувачка за космополитските, истражувачки и креативни пориви на секој млад човек, а во нашиот образовен систем не се истакнува како таков елемент, барем не доволно. Битката генерално се води на ниво на неформално образование, кое паралелно обезбедува многу вештини и стратегии каде образовниот систем пофрла.
Достапноста на овие можности за мобилност итно мора да се зголеми до различни младински групи за активно да се спротивстави на ризикот таа да стане изолирана. Еразмус програмата мора да се спротивстави на опасноста да биде исклучена и искусена само одредена група луѓе, и да се претвори во некој вид привилегија. Тоа е спротивно од нејзината намена. Ова го пишувам свесна за досегашните напори, инфо-сесии на факултетите, повиците од невладините и неформалното образование во контекст на нејзиното промовирање.
Од она што досега го гледам и следам, нужно сметам дека овие програми поинтензивно мора да бидат презентирани уште кон крајот на основното и почетокот на средното образование. Информирањето за мобилноста мора да започне што порано. Луѓето пак кои веќе добро се втемелени во мрежата и имале одлични искуства, поактивно треба да се искористат како тестамент во промовирањето на одличните услови на програмата и мотивирање да се искористи.
Токму нивните искуства, она што им направило голема разлика (познавам многу луѓе на кои овие настани им биле од круцијална важност како мене) треба да послужат за да порасне драматично нејзината популарност. Можноста за поголема раширеност и информираност не само што ќе вклучи многу нови учесници во програмите, туку и многу позитивно ќе влијае на нивните идни кариери. Директно влијае на тоа како младите го доживуваат образованието понатаму.
Нека бројката која ме израдува биде само една почетна точка информираноста за Eразмус плус да расте, нека започне многу порано, многу поентузијастично. Ја гледам и верувам во неа преку сопствените искуства како еден од најдобрите начини за поврзување со европското образование и практики, со фер услови и еднакви можности. Има многу големи потенцијали директно да влијае и на формалното образование и на сите вештини и можности во неформалниот сектор, апсолутно треба да бидат искористени до максимум. Во спротива, ризикуваме да пропуштиме огромен потенцијал за креативно поврзување и надградување на млади и сите кадри кои се дел од образовниот процес, без разлика дали формално или неформално, и тоа е нешто кое многу ни недостасува.