Многу болести се јавуваат како резултат на осаменоста, предупредува СЗО

Според извештајот на СЗО, во современиот свет секое трето постаро лице и секој четврти адолесцент живеат во социјална изолација

Секој шести човек во светот страда од осаменост, која – заедно со социјалната изолација – може да доведе до развој на бројни физички болести, што на крајот резултира со 871.000 смртни случаи годишно низ целиот свет, според податоците од комисијата на Светската здравствена организација (СЗО).

Осаменоста го зголемува ризикот од мозочен и срцев удар, развој на дијабетес, депресија, анксиозност и, во последен случај, самоубиство, соопшти СЗО.

Забележано е дека осамените тинејџери имаат 22 проценти поголема веројатност да постигнат пониски оценки во училиште во споредба со нивните неосамени врсници. Во исто време, осамените возрасни лица имаат потешкотии да најдат и да задржат работа.

Влијанието на осаменоста не е само индивидуално, туку и социјално – се изразува преку милијарди трошоци за функционирање на здравствените системи и губење на работни места.

Копретседателот на СЗО, Вивек Мурти, ја дефинира осаменоста како „болно, субјективно чувство што многумина од нас го доживуваат кога врските што ни се потребни не се совпаѓаат со оние што ги имаме“. Спротивно на тоа, социјалната изолација претставува објективна состојба на намален број контакти, врски или интеракции.

Според извештајот на СЗО, во современиот свет секое трето постаро лице и секој четврти адолесцент живеат во социјална изолација.

Причините за ова се бројни болести, послабо образование, ниски приходи, недостаток на можности за социјална интеракција, живеење во осаменост и прекумерна зависност од дигиталните технологии.

Мурти истакнува дека со илјадници години луѓето биле навикнати да комуницираат не само со зборови, туку и со изрази на лицето, говор на телото, тон на гласот или дури и тишина – форми на комуникација кои се губат кога луѓето се потпираат исклучиво на мобилни телефони и социјални мрежи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни