Македонскиот народен театар свечено ја започна новата сезона со отворање на Летната сцена „Славиша Кајевски“ и изведбата на претставата „Црнила ремикс“ – хип-хоп интерпретација на класичното дело од Коле Чашуле, режирана од Јордан Симонов и продуцирана од Младинскиот културен центар (МКЦ). Летната сцена именувана во чест на актерот Славиша Кајевски ќе биде отворена до 2 октомври. Свеченото отварање започна со гласот на актерот Славиша Кајевски како изговара реплики на ликовите од драмите во кои играше на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ). Прерано починатиот Кајевски кој трагично го загуби животот на 39 години во декември 2021 година, беше дел од ансамблот на националниот театар.
-Идејата за овој настан е на директорот Никола Кимовски кој и самиот вели во неколку интервјуа претходно дека заедно со актерот Славиша Кајевски, кој покрај колега бил и негов добар пријател, oтсекогаш мечтаеле овој простор да се искористи за една ваква летна сцена. Дефинитивно на град Скопје му е потребен еден нов простор за забава и за култура- вели Симона Александрова од МНТ.
Во програмата на летната сцена ќе се најдат и стендап настапот на Сашко Коцев „Широк дијафазон“, претставата „Мој термин“ на Синиша Евтимов, како и настапите на Игор Џамбазов, Гуру Харе бенд и на Пијан Славеј.
Завршницата на оваа културна авантура ќе биде одбележана со концерт на Националниот џез оркестар, кој ќе ги изведе безвременските хитови на „Битлси“.
-На летната сцена ќе бидат изведени дел од најпопуларните претстави од репертоарот на МНТ, кои што дозволуваат технички да се постават на една таква летна сцена. Како што се на пример „Kец на 10 десетка“, „Не се клади на Енглези“ и „Мој термин“. На свеченото отворање ја видовме „Црнила ремикс“ во режија на Јован Симонов. Ќе ги имаме и Театарот од Велес со претставата „Вечера за глупаци“, потоа настап на Факултетот за драмски уметности Скопје, со претставата „Сакатиот од Инишман“, а тука се и познатите македонски музичари, како Пистолеро и диџеј Гоце Саф, Игор Џамбазов Гуру Харе бенд, Пијан Славеј. На затворањето на летната сцена, ќе настапи и Националниот џез оркестар со Битлси трибјут – вели Симона.
Во градот на кој му недостасуваат културни настани, летната сцена и тетатарот во комбинација со музичкиот дел се ново и убаво доживување.
Магијата на театарот во септемвриските вечери донесе многу публика во театарот под отворено небо.
-Oва е прв пат да се случува ваква летна сцена на платото на МНТ. Сакаме и планираме да продолжиме понатаму ова да прејде во традиција и секоја нова театарска сезона да се отвара на овој начин, вели Симона.
Фотогалерија од отварањето на Летната сцена