Меѓународен монетарен фонд (ММФ) соопшти дека внимателно ја следи ескалацијата на конфликтот во Иран и нарушувањата во производството и транспортот на енергија, предупредувајќи дека долготрајното поскапување може да има сериозни последици за светската економија.
Портпаролката на ММФ, Џули Козак, изјави дека конфликтот веќе предизвикал значителни нарушувања во поморските испораки на нафта и природен гас, што довело до раст на цената на суровата нафта за повеќе од 50 проценти, над 100 долари за барел.
„Фондот сè уште нема добиено официјални барања за итно финансирање, но е подготвен да им помогне на земјите-членки доколку биде потребно“, истакна Козак.
Таа додаде дека експертите на ММФ активно соработуваат со министри за финансии и централни банки ширум светот, како и со регионални институции, со цел да се процени влијанието од кризата.
Според проценките на Фондот, вкупното економско влијание ќе зависи од времетраењето, интензитетот и обемот на конфликтот.
ММФ предупредува дека секое зголемување на цените на енергијата од 10 проценти, доколку трае околу една година, може да ја зголеми глобалната инфлација за околу 0,4 процентни поени и да го намали економското производство за 0,1 до 0,2 проценти.
Воедно, ММФ најави дека актуелниот конфликт ќе биде вклучен во новото ажурирање на глобалните економски изгледи, кое ќе биде објавено во април, за време на пролетните состаноци на Фондот и Светска банка.