Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупредува дека Северна Македонија во 2026 година може да се соочи со побавен економски раст и зголемена инфлација, главно под влијание на растот на цените на енергенсите и геополитичките тензии на Блискиот Исток.
Во завршната изјава по редовните консултации со земјата, Фондот наведува дека економскиот раст во 2026 година се очекува да изнесува околу 3,1 отсто, додека инфлацијата би можела да достигне приближно 4,5 отсто.
Според ММФ, зголемувањето на светските цени на нафтата повторно создава инфлаторни притисоци, што може да го забави економското закрепнување. Дополнително, растот на увозните трошоци за енергија се очекува да го прошири дефицитот на тековната сметка до околу 5 отсто од БДП во 2026 година, со можност за постепено намалување подоцна, доколку се стабилизираат глобалните пазари.
Властите веќе воведоа привремени мерки за ублажување на ценовните шокови, меѓу кои намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 отсто и користење резерви на тешко гориво со цел да се намалат трошоците за производство на електрична енергија.
Сепак, ММФ предупредува дека ризиците за економијата остануваат значајни. Продолжен конфликт на Блискиот Исток, високи цени на енергенсите и послаба економска активност во Европската Унија би можеле дополнително да го намалат растот и да ја зголемат инфлацијата на подолг рок.
Дополнителен ризик, според Фондот, претставуваат и непланирани зголемувања на платите и пензиите, како и можни пречекорувања на трошоците кај големите инфраструктурни проекти.
ММФ ја оценува како позитивна намерата на властите да го намалат фискалниот дефицит на 3,5 отсто од БДП во 2026 година, што би придонело за создавање фискален простор за идни економски шокови. Сепак, се предупредува дека без конкретни реформи во даночната политика и подобра наплата на приходите, дефицитот би можел да достигне и 4,2 отсто од БДП.
Како клучни приоритети се наведуваат подобра контрола на јавните расходи, особено во делот на платите и пензиите, реформи во даночниот систем и мерки за намалување на даночното затајување. ММФ препорачува и постепено укинување на намалениот ДДВ за горивата, со паралелна заштита на најранливите категории преку постојните социјални програми.
Во извештајот се нагласува и потребата од зголемување на фискалната транспарентност, особено кај јавните инвестиции и субвенциите во енергетскиот сектор, како и подобро управување со јавните претпријатија и институции.
ММФ оценува дека банкарскиот систем во земјата останува стабилен, со висока капитализација и ликвидност, но предупредува на забрзан раст на кредитирањето во секторот на недвижности, што бара внимателно следење.
На долг рок, Фондот нагласува дека структурните реформи во владеењето на правото, пазарот на труд и енергетиката се клучни за зголемување на продуктивноста, подобрување на деловната клима и приближување на економијата кон стандардите на Европската Унија.