Царинските мерки на американскиот претседател Доналд Трамп ќе имаат влијание врз глобалната економија и ќе предизвикаат значително забавување на економскиот раст оваа година, но без навлегување во рецесија, изјави денеска извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева.
И покрај неизвесноста предизвикана од трговската политика, „нашите проекции за раст се значително намалени, но не укажуваат на рецесија“, изјави Георгиева во својот традиционален воведен говор пред пролетните состаноци на ММФ и Светска банка.
Тие состаноци започнуваат следната недела, кога овие меѓународни финансиски институции ќе ги претстават своите ажурирани прогнози за светската економија.
Трамп воведе царини од најмалку 10 отсто на сета стока што влегува во САД, почнувајќи од 5 април, а до 145 отсто на кинеската стока, покрај веќе постојните царини воведени пред неговото враќање во Белата куќа.