ММФ ѝ препорачува на Романија зголемување на ДДВ и нови даноци за стабилен буџет

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ѝ препорачува на Романија зголемување на ДДВ на 21 отсто, воведување на прогресивен данок на доход со две стапки, како и намалување или целосно укинување на здравствените придонеси, со цел намалување на буџетскиот дефицит. Ова е наведено во извештајот на ММФ насловен „Даночна комбинација за фискална одржливост и правичност“, цитиран од Диџи24.

Според Фондот, предложените мерки, доколку целосно се применат, би донеле буџетски приходи од најмалку 1,2 отсто од БДП уште годинава.

Прво, ММФ предлага замена на сегашниот рамномерен персонален данок од 10 отсто со прогресивен модел – стапки од 15 и 25 отсто, при што повисоката стапка би се применувала за највисоките примања. Со цел да се намали даночниот товар за најголемиот дел од населението, се предлага значително намалување или целосно укинување на здравствените придонеси.

Ако фискалниот простор го дозволува тоа, товарот на данокот на трудот за ниските примања треба да се олесни преку повисоки надоместоци или програма за социјални придобивки на работното место. ММФ предлага или пензиските придонеси да не се признаваат како трошок, или пензиите да се оданочуваат.

Фондот укажува и дека акцизите на цигари, алкохол и пиво во Романија се меѓу најниските во ЕУ.

Среднорочната фискална рамка предвидува намалување на буџетскиот дефицит од околу 8 отсто од БДП во 2024 година, на 7 отсто во 2025, и на 3 отсто или помалку до 2031 година. ММФ укажува дека, со ограничени можности за кратење на трошоците, Романија мора да ги зголеми приходите.

На краток рок, земјата се има договорено со Европската комисија да ги зголеми приходите за 1,1 отсто од БДП во 2025 година. Со оглед на тоа што Романија има едно од најниските нивоа на даночни приходи во ЕУ, има простор фискалната политика да ја надополни тековната дигитализација на даночната администрација.

Фискалниот притисок, според ММФ, е можност Романија да спроведе важни структурни реформи преку пренасочување на даночниот товар од социјалните придонеси кон даноци на потрошувачка и доход.

Романија е под процедура за прекумерен дефицит од 2020 година. Според Евростат, буџетскиот дефицит во 2024 година достигнал 9,3 отсто од БДП, а Европската комисија прогнозира дека ќе биде 8,6 отсто годинава и 8,4 отсто во 2026, иако буџетот предвидува дефицит од 7 отсто за 2025 година.

Во февруари, делегација на ММФ ја посети Романија за да го оцени економскиот и финансискиот напредок на земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни