Младите зборуваат: Прва уметничка бригада во Битола

Циклусот јавни настани под наслов „Прва уметничка бригада во Февруарски поход“, беше реализиран од 2 до 5 февруари 2026 година низ Битола

Преку проектот „Прва уметничка бригада“, младите од Битола и од руралните средини ги именуваат проблемите со кои живеат секојдневно – нефункционален јавен превоз, загаден воздух и масовно иселување на младите. Ова не се симболични теми и не се уметничка фикција. Ова се реални состојби што бараат реални одговори.

Во изминатите два месеци, учесниците поминаа низ интензивен процес на уметнички работилници со алатката Театар на слики, каде уметноста стана алатка за прашање и дејствување. Преку телото, сликата и зборот, тие ги отворија своите лични приказни и ги претворија во колективна порака: младите не сакаат да заминуваат – младите сакаат услови за достоинствен живот.

Кулминацијата на процесот беше циклусот јавни настани под наслов „Прва уметничка бригада во Февруарски поход“, реализиран од 2 до 5 февруари 2026 година на повеќе јавни локации во Битола, во СОЕУ Јане Сандански – Битола, во ОУ Кочо Рацин во с. Ивањевци и во ООУ Браќа Миладиновци во с. Добрушево. Преку перформативни поставки и презентации – „Билет за дома“, „Дозвола за дишење чист воздух“ и „Е па чао…“ – младите директно се обратија до своите врсници, граѓаните и носителите на одлуки кои ги препознаваат како соработници.

„Прва уметничка бригада“ не создава уметнички дела. Таа создава гласна, свесна и организирана генерација млади луѓе кои одбиваат да бидат статистика и одбиваат тивко да си заминат. Наместо тоа, тие избираат да останат, да зборуваат и да се борат за своето место тука. Кога младите ги именуваат проблемите, повеќе нема простор за игнорирање. Потребни се конкретни политики, мерки и акции.

Фондација Божиновски Битола во соработка со Центар за култура Битола и ЗГ Солак го реализира проектот Прва уметничка бригада.

Проектот е поддржан во рамки на проектот „Култура за развој” на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни