На Меѓународниот ден за побезбеден интернет, Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Фондацијата Телеком за Македонија објавија партнерство за интернет без врсничко насилство и без говор на омраза и движење предводено од деца за похуман онлајн свет.
![](https://trn.mk/wp-content/uploads/2025/02/dsc01252-1024x683.jpg)
„Преку ова партнерство се стремиме на децата да им дадеме моќ, простор и алатки заеднички да создаваат иницијативи што одговараат на нивното сопствено искуство и се во линија со нивните секојдневни борби на интернет. Нашата цел е да им понудиме на девојчињата и момчињата социјални вештини и стратегии за справување, да ја градиме нивната отпорност, а воедно да ја подигнеме јавната свест за последиците од онлајн врсничкото насилство врз физичкото, менталното и емоционалното здравје“ рече претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер. „Сакаме да создадеме движење во кое децата ќе се спротивстават на врсничкото насилство онлајн и ќе промовираат човечност и љубезност во дигиталниот свет”.
„За нас е многу важно секој да има пристап до можностите на дигиталниот свет, а омразата на интернет ги загрозува сигурноста, почитта и инклузивноста на овој простор. Овој негативен феномен особено влијае на младите луѓе, коишто се најмногу засегнати. Во оваа значајна фаза од нивниот личен раст и развој, наша одговорност е да ги научиме како да ѝ се спротивстават на омразата и да станат двигатели на позитивна промена,” рече Никола Љушев, претседател на Фондацијата Телеком за Македонија.
![](https://trn.mk/wp-content/uploads/2025/02/ang_2449-1024x682.jpg)
Оваа двегодишна иницијатива е продолжение на долгогодишното партнерство помеѓу УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија преку кое во текот на сите овие години им се обезбедува помош на децата и на младите при нивното справување со некои од најголемите предизвици со кои се соочува нивната генерација. Досегашната соработка опфаќа: поддршка за еднакви можности за предучилишно образование на децата од руралните области, изработка на дигитални решенија за намалување на бариерите со кои се соочуваат децата со попреченост, како и дигитални решенија за справување со климатските промени.
Целта на новото партнерство е да се создаде движење преку кое младите ќе се борат за интернет без врсничко насилство и говор на омраза преку едукација, ко-креација и конкретни акции предводени од млади како застапници коишто ќе ги инспирираат и другите да се приклучат и да го прошират движењето низ целата земја.
![](https://trn.mk/wp-content/uploads/2025/02/ang_2527-1024x682.jpg)
УНИЦЕФ заедно со Фондацијата Телеком за Македонија ќе објават отворен повик до децата и до адолесцентите да се вклучат во врсничката програма и во активностите за социјална мобилизација коишто ќе се спроведуваат во партнерство помеѓу Сојузот на извидници на Македонија и УНИЦЕФ.