Младите не заминаа по подобро — туку по достоинство

Заминувањето не е бегство: тоа е тивок протест за достоинство.

„Во стиховите на String Forces — „гледаме небиднини и вистини, слушаме невистини и причини“ — е содржана целата дијагноза на нашето време. Тоа не е само поетска слика, туку сведоштво за генерација што се обидува да остане чиста во место што одамна се распаѓа. Затоа и прашањето „каде бегаш?“ повеќе не значи бегство, туку стратегија за опстанок.“

Постојат теми кои толку долго ги повторуваме што стануваат дел од шумот на општеството. Една од нив е заминувањето на младите. Децении наназад ја анализираме, ја дискутираме, ја вртиме од сите агли — но ретко се осмелуваме да го допреме коренот. Не причините што се гледаат, туку оние што тивко го нагризуваат ткивото на ова општество. И затоа денес не зборуваме за нов феномен, туку за стара рана која одбиваме да ја зараснеме.

Младите не заминуваат затоа што тоа е модерно. Ниту затоа што Европа е поубава. Ниту затоа што не ја сакаат оваа земја. Тие заминуваат затоа што тука одамна исчезна минимумот што го прави животот можен — а не само удобен. Заминуваат затоа што премногу често гледаме неправда таму каде што треба да има принципи; импровизација таму каде што треба да има институции; тишина таму каде што треба да има одговорност. Заминуваат затоа што животот не треба да биде проект на издржливост.

Тие не заминуваат од каприц, туку од инстинкт — затоа што сакаат да останат луѓе.

Достоинството како непрепознатлива категорија

Оваа земја одамна научи многу интелигентни, вредни и талентирани млади луѓе да чувствуваат дека мора да се докажат до бескрај — но никогаш да не очекуваат признание. Сакаме генерации што ќе градат иднина, а им нудиме култура во која трудот е поздравуван со рамнодушност, а талентот често се доживува како закана.

Кога најдобрите студенти, оние што ги носат државните награди, се третираат како товар, а не како иднина — земјата сама си ја скршнува осовината. Таа не треба да „ги моли“ тие млади да останат; таа треба да знае дека токму тие се нејзината највредна инвестиција. Но наместо тоа, се создава култура во која човек учи, студира, гради — и на крајот мора да издржи.

Заминувањето како форма на самоодбрана

Оваа земја одамна ги научи своите највредни млади луѓе на еден опасен парадокс: да работат како да ги гледа некој — и да живеат како да не ги гледа никој.

Генерациите што вложуваат најмногу труд растат со чувство дека мора непрестајно да се докажуваат, но никогаш да не очекуваат признание. Да бидат амбициозни, но тивки; способни, но скромни до самопоништување; видливи, но невидливи во вистински важните моменти.

Се создава културна матрица во која талентот изгледа како закана, а успехот како сомнеж. Култура во која лавиринтите се награда, а не траекторија; каде што не се одбира најдобриот, туку најподготвениот да молчи. Во таков систем, достоинството — оној тивок, но фундаментален столб — полека се троши, сè додека не започне да се заменува со заминување.

Кога највисоките постигнувања на младите не се препознаваат како ресурс туку како товар, државата свесно го губи единствениот капитал што може да ја спаси ‒ иднината. Млад човек кој вложувал години труд треба да живее во систем што го препознава како потенцијал, а не како случајност. А кога трудот престанува да вреди, и достоинството исчезнува од мерните единици на општеството – заминувањето повеќе не е избор, туку природна последица.

И така, младите постепено ја научија една од најтешките вистини: да се биде странец во странство е подобро отколку да се биде странец во својот дом.

Системот што остана заглавен во минатото

Проблемот не е во тоа што младите бараат премногу. Проблемот е што бараат многу малку — а и тоа е недостижно.
Минимални стандарди, не максимални привилегии.
Чист град, чист воздух, чисти правила.
Минимална стабилност, не раскош.
Перспектива, не гаранции.
Можност да се гради, не дозвола да се молчи.

И година по година, ова станува проблем за кој сите зборуваат — а никој не го лекува од корен. Повремено ги дотеруваме симптомите, но сржта останува нетретирана. И додека ние се занимаваме со фасади, младите се обидуваат да си ги спасат животите.

Не ни требаат мерки за да изградиме фамилија — ни треба држава во која ќе сакаме да останеме за да ја изградиме. Не ни требаат сезонски младински политики, ниту демографски пакети што траат колку и вестите во кои се објавуваат. На младите им треба нешто многу посуштинско: држава во која ќе имаат желба да го изградат својот живот.

Не затоа што некаде надвор е поубаво — туку затоа што дома не треба да биде неподносливо.

Ако сакаме генерации што ќе се вратат, мора да создадеме држава што не ги принудува да заминат. И кога ќе престанеме да го гледаме заминувањето како предавство, а ќе почнеме да го гледаме како симптом на систем што се распаѓа — тогаш конечно ќе можеме да разговараме за иднината.

Младите не заминаа по подобро — туку по достоинство

И можеби тука лежи нашата најголема трагедија и најголема надеж.
Трагедија, затоа што изгубивме генерации што требаше да ја водат оваа држава напред.
Но надеж, затоа што кога младите се борат за достоинство, значи дека сè уште ја носат визијата за тоа како би можело да изгледа ова општество — ако престанеме да го прифаќаме минимумот како ќе го стигнеме максимумот.

Младите не заминаа за да го остават својот дом.
Заминаа за да ја спасат својата иднина.
А кога државата конечно ќе реши да ги слушне — можеби ќе почне да ја спасува и својата.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни