Голем број млади жители на Тетово вечерва на градскиот плоштад запалија свеќи и донесоа цвеќе за да оддадат почит за настраданите во пожарот во дискотеката во Кочани.
И покрај дождот, младите тетовци молкум стоеја и чекаа ред да запалат свеќа и остават цвеќе за да оддадат почит за прерано згаснатите 59 човечки животи.
– Зборови да се искажат за оваа трагедија нема, но ние како млади волонтери, младинци, на Црвениот крст, општинска организација, Тетово вечерва сме тука да искажеме почит и поддршка до родителите, истакна Радица Ѓорѓевска од ОО Црвен крст Тетово.
Таа апелираше граѓаните да донираат по 100 денари преку телефонските оператори Телеком и А1 на телефонскиот број 143 400 за помош на семејствата на настраданите. Донирање е можно и преку сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за настраданите граѓани во пожарот во Кочани.