Младите таленти на МакеДокс

„Докуникулци“ како дел од МакеДокс е повеќе од само работилница за млади – тоа е место каде што креативноста, заедништвото и љубовта кон филмот се спојуваат. Со атмосфера која потсетува на големо семејство, младите кои учествуваат имаат можност да се запознаат со сите аспекти на филмската уметност, да научат од професионалци и да се инспирираат за идни кариери во индустријата.

Александра Петровска, координаторка на „Докуникулци“, ги објаснува причините поради кои работилниците се толку привлечни за младите луѓе: „Најпривлечно е тоа што ние сме како едно големо семејство. Сите се дружиме, забавуваме и работиме во одлична работна атмосфера. Освен тоа, работиме со многу професионалци, што ни овозможува да добиеме многу и да се запознаеме со филмот.“ Таа истакнува дека не постојат строги критериуми за селекција на учесниците, туку најважно е тие да го покажат својот дух, да бидат посветени, заинтересирани и решителни. „Секој треба да биде свој и да го покаже својот дух“, додава Петровска.

Александра Петровска

Можностите што ги отвора „Докуникулци“ се огромни за сите кои учествуваат. Младите имаат можност да го научат процесот на правење филм, а многумина од учесниците веќе имаат постигнато успех во оваа област. „Изминатата година имавме многу учесници кои потоа почнаа професионално да се занимаваат со филм, некои дури и завршија на ФДУ“, истакнува Петровска.

Интересна е приказната на Александра, која минатата година била учесник на „Докуникулци“, а оваа година веќе е координаторка на програмата. Таа ја има и својата филмска премиера со филмот „Hello Alex“, кој беше прикажан вчера на 21 август во Сули ан, како дел од програмата на фестивалот „Македокс“.

Марко Иван Кочишки

Еден од младите таленти кои годинава исто така ќе ја претстават својата работа е Марко Иван Кочишки, кој вчера исто така ја имаше премиерата на својот филм „Винил вртлог“. Според Марко, филмот е тизер за вистинска случка што се одвила минатата година во Куманово, кога Царинската полиција одзела голем број винилни плочи и CD-a на винилна берза. „Филмот е еден вид прв дел од приказната, каде што ја претставувам оваа уникатна случка“, вели Марко.

Искреноста и страста на младите таленти се очигледни и во процесот на создавање на филмовите. Марко објаснува дека најмногу го интересира пишувањето и режијата. „Она што го стекнав повеќе од последнава година со Докуникулци е дека научив да се изразувам поубаво и да го имам тој режисерски осет за замислување сцени“, вели тој, додавајќи дека филмските процеси, иако документарни, често можат да „боцнат“ вистински, токму како што го прави порталот „Трн“.

Овие приказни само го потврдуваат значењето на „Докуникулци“ како платформа за развој на младите таленти, каде што тие не само што учат за филмот, туку и стекнуваат драгоцени вештини и инспирација за нивните идни професионални патишта.

Најново

Последни колумни