Анкета: Младите во Северна Македонија поделени околу европската иднина на земјата

Половина од младите не веруваат дека земјата ќе стане членка на ЕУ, иако повеќето ја гледаат Унијата позитивно.

Повеќето млади луѓе во Северна Македонија имаат позитивен став кон Европската Унија, но речиси половина не веруваат дека земјата некогаш ќе стане членка, покажува новата анализа „Справување со младинскиот евроскептицизам на Западниот Балкан: Случајот на Северна Македонија“, промовирана минатата недела во Брисел.

Истражувањето покажува дека меѓу младите постојат надеж и интерес кон европските вредности, но истовремено и длабока недоверба кон институционалниот капацитет на државата да ги исполни условите за членство.

„Овој јаз меѓу надежта и реалноста, интересот и недовербата, европската идеја и домашните предизвици ја формира основата на младинскиот евроскептицизам,“ се наведува во документот. „Потребна е партнерска и долгорочна акција која ќе ги препознае младите како креатори, а не само како публика.“

Анкетата, спроведена кон крајот на јуни 2025 година во соработка со студентската платформа „Студентарија“, опфатила 1.000 млади лица, од кои над 80% студенти. Истражувањето е изработено од Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), во партнерство со Европскиот центар за извонредност (ЕЦЕ) од Брисел и Фондацијата „Фридрих Науман“.

Резултатите покажуваат дека 41% од младите ја перципираат ЕУ позитивно, 24% негативно, а 35% имаат неутрален став.

Кога станува збор за иднината на земјата во Унијата, 46,5% од анкетираните не веруваат дека Северна Македонија некогаш ќе стане членка, 35,8% сметаат дека тоа е можно, но во подалечна иднина, а само 6,7% веруваат дека земјата би можела да се приклучи кон ЕУ во следните пет години.

Корупцијата како најголема пречка

На прашањето која е најголемата пречка за европските интеграции, 84,6% од младите ја издвоиле корупцијата, 61% ги посочиле билатералните спорови, а 60% ниската доверба во институциите.

„Младите јасно го препознаваат домашниот политички амбиент како клучна пречка за напредок,“ се наведува во анализата. „Очекуваат конкретни чекори од институциите за борба против корупцијата како предуслов за подобрување на животните услови и задржување на младите во земјата.“

Повеќе од половина од испитаниците, 53%, изјавиле дека се адекватно информирани за политиките и вредностите на ЕУ, а 76% од нив најмногу ги интересираат можностите за работа и живот во земјите на Унијата.

По ова следуваат програмите за образование и млади, како што е Еразмус+ (55%), и заштитата на човековите права (50%). Во понатамошен ред на интереси се заштитата на животната средина (48%), дигитализацијата и иновациите (44%), како и културната размена (32%).

Интересен податок е дека 60% од испитаниците сметаат дека членството во ЕУ нема да ја намали емиграцијата, што ја отсликува перцепцијата дека проблемите се домашни, не надворешни.

Ниска општествена активност, но отвореност за дијалог

Иако над 70% од младите се изјасниле како општествено неактивни, 41,6% би сакале да учествуваат во дијалог со претставници на ЕУ. Овие податоци, според авторите, покажуваат дека младите имаат потенцијал за ангажман, но им недостасуваат канали и можности за да се вклучат во процесите на донесување одлуки.

Директорот за политика и комуникација на Европскиот центар за извонредност, Бојан Кордалов, изјави дека ваквите резултати се аларм и повик за акција: „Доколку на младите не им се понудат реални можности, стабилност и разбирање, тие ќе престанат да ја гледаат иднината на својата земја во ЕУ,“ изјави тој.

Според него, потребна е нова и искрена комуникација со младите преку партнерства меѓу ЕУ и земјите кандидати, придружени со економска и демократска поддршка достапна за секој млад човек.

Европа без младите – незамислива

Во документот се заклучува дека младите во Северна Македонија не се пасивни набљудувачи, туку активни актери кои бараат простор, перспектива и партнерство. „Европа нема да биде комплетна без нив, а процесот на проширување нема да успее без нивното значајно вклучување,“ се наведува во заклучоците.

Анализата препорачува јакнење на младинските центри, отворање формални канали за учество во политиките и интегрирање на младите во процесите на креирање јавни решенија. Публикацијата ќе биде промовирана и во Скопје, каде што ќе биде презентирана пред пратеници, младински организации и државни институции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни