По повод Меѓународниот ден на Ромите, Јуроп хаус и Делегацијата на Европската Унија, во соработка со Регионалната ромска образовна младинска асоцијација „Rromassn” и Општина Куманово, организираа панел-дискусија „Real Talk: Roma Youth“.
Преку панел-дискусијата, младите учесници споделија лични приказни и размислувања за образованието, можностите и предизвиците со кои се соочуваат денес. Дискусијата отвори теми поврзани со еднаквите можности, пристапот до образование и активното учество.
Во панел-дискусијата учествуваа Едис Еминоски, студент, млад ромски активист; Игбал Саидова, студентка и актерка; Емил Адемовски, млад активист и графички дизајнер; Алмира Фасљии Муарем, новинарка и активистка; како и Идрис Калов, наставник по ромски и германски јазик и активист. Нивните лични и професионални искуства понудија различни перспективи за предизвиците, но и можностите за напредок на ромската заедница.
Говорниците укажаа на недостигот од еднакви можности при вработување и важноста од видливи позитивни примери во заедницата. Дел од нив споделија искуства со дискриминација уште од најрана возраст, посочувајќи дека за првпат се соочиле со предрасуди за време на учество на настани во мултиетничка средина. Наместо тоа да ги обесхрабри, овие искуства дополнително ги мотивирале да се докажат и да ги постигнат своите цели.
Во дискусијата беа споделени и позитивни примери на прифаќање и поддршка во образовниот систем, кои придонеле за личен и професионален развој. Дел од младите денес се успешни во своите области, вклучително и образование во странство, но заедничко за сите нив е активната граѓанска вклученост и посветеноста кон унапредување на правата на Ромите, со јасна амбиција да бидат пример за следните генерации.