Разговор со Филип Ивковски, претседател на НМСМ

Младите не треба да ги чекаат промените, треба да се доволно гласни за да ги носат промените

Младите во Македонија денес се соочуваат со бројни предизвици, но и со уникатни можности за промена. Тие не само што се наследници на нашето општество, туку и активни учесници во неговото обликување. Со своите идеи, креативност и храброст, младите ја дефинираат својата иднина и се борат за подобар свет. Во овој разговор со Филип Ивковски,претседател на Националниот младински совет на Македонија, ќе влеземе во реалноста на младите во Македонија, разгледувајќи ги нивните искуства, визии и начини на кои можат да влијаат на општеството. Понекогаш не е потребно да се чека на промена, туку да се биде таа промена.

Трн: Што е главната цел и мисија на Националниот младински совет на Македонија? Како ги поддржувате младите во нивните предизвици?

Филип: Националниот младински совет на Македонија моментално претставува најголемата мрежа на младински организации во државата, со над 50 организации членки. Веќе 11 години работиме на унапредување на состојбите поврзани со младинските прашања, креирање на политики кои одговараат на потребите на млади, адресирање на предизвиците на младите и градење на релации со носителите на одлуки во насока на нивно сензитивизирање кога станува збор за најдобриот интерес на младите. Нашето делување во главно ги опфаќа националните процеси и институции односно креирање на закони, полтики и стратегии, но секако не е исклучена и дирекната поддршка и работа млади, како и локалното делување заедно со нашите организации членки.

Трн: Каде гледате дека се главните проблеми за младите во Македонија денес? Кои се најчестите фрустрации со кои се соочуваат?

Филип: Согласно наодите од последното истражување за социо-политичкото учество на младите во РСМ спроведено од Фондација за демократија на Вестминстер, се нотираат главните предизвици со младите во државата. За жал, иако можеби во изминатите години се направени некои значајни чекори по однос на положбата на млади, се забележува опаѓачки тренд на задоволството на младите од квалитетот на нивниот живот и положбата во општеството. Кај младите расте песимизмот за општествените текови во државата, опаѓаат надежите за влез во ЕУ, тие не се гледаат како приоритет на институциите и во постојан раст е бројот на млади кои се иселуваат од државата или размилуваат да го сторат тоа. Моменталните предизвици на младите, за жал се навистина базични, односно подразбираат квалитетен живот, пристап до сооветни услуги, квалитетно образование, солидни работни места, финансиска независност и така натаму. Но, сепак не се забележува некаков системски пристап во надминување на предизвиците, ниту конструктивна волја од страна на носителите на одлуки.

Трн: Како Националниот младински совет работи на подобрување на стандардот и условите на  младите?  Кои конкретни мерки или активности се спроведуваат?

Филип: Покрај застапувачката дејност на НМСМ која беше спомената, односно соработката со институциите и адресирање на младинските приоритети и предизвици и нивно преточување во квалитетни мерки и политики, како Совет работиме и на директна поддршка на млади. Во изминатите години фокусот беше поставен на поттикнување на младинско учество на локално и национално ниво, поддршка на кариерниот развој на младите преку програми за кариерно советување, платена практикантска работа, спроведување на младинската гаранција како пакет од мерки за младите, понатаму поттикнување на грижа за менталното здравје, обезбедување на бесплатни услуги за ментално здравје, залагање за еднакви можности за младите жени и девојки и маргинализираните групи на млади и така натаму. Секако тука би истакнале и неколку значајни индикатори од досегашната директна поддршка на млади односно забележуваме стапка од скоро 70% вработливост на младите кои биле од практикантската работа на НМСМ, обезбедени бесплани сесии со психолози за над 250 млади, усвојувањето на првата Национална стратегија за ментално здравје кај млади подготвена токму од Националниот младински совет и високата стапка на млади кои биле дел од младинската гаранција и кои после тоа успеале да најдат сооветен работен ангажман. Секако работата на НМСМ постојано еволуира и е динамична следејќи ги младинките трендови и потреби.

Трн: Дали мислите дека младите во Македонија се доволно гласни во однос на своите права и проблеми? Каде мислите дека студентите треба да бидат поактивни и како можат да се вклучат повеќе?

Филип: Ова можеби е едно од најважните прашања за младинскиот сектор, за жал стапките на млади кои се активни во граѓански сектор се навистина мали, дури 8 од 10 млади изјавуваат дека не се воопшто општествено активни во било која форма на здружување. Но, мора да се види позадината зад истото, односно да се земе предвид дека младите постојатно се обесхрабруваат да се борат за себе, за тоа што им следува или за некое поголемо добро. Тоа може да се забележи уште од ученичките клупи каде што кај младите не се гради навика за критичко размислување и нивна општествена проактивност. Дури и лично кога би се запрашал, на моменти се чувствувам изморено од постојаните битки кои што ги водиме со носители на одлуки и нивната (не)спремност да ги постават младите како значаен приоритет во државата, но секако тоа не значи дека треба да се откажеме од нашите заложби. Би сакал да ги охрабрам младите да бидат гласни затоа што никој друг нема тоа да го стори тоа за нив. Дури и Националниот младински совет на Македонија својот легитимитет и сила ја црпи токму од општествено активните млади кои се дел од различните форми на организирање на младите.

Трн: Зошто сметате дека системот бавно се менува во однос на младинските прашања? Кои конкретни пречки ги гледате во процесите на промени?

Филип: Теоретски земено секој веќе воспоставен систем е тежок и отпорен на промени, но нашата општествено-политичка клима дополнително го зајакнува сето тоа. Наједноставно би кажал дека, за жал, системот кај нас не ги приоритизира младите. Иако има извесни поместување во тој дел, сепак остануваме како политички ветувања, церемонијално вклучување во процесите на носење одлуки и генерална апатичност од институциите за младинските прашања. Тоа може да го забележиме од недоволната имплементација на Законот младинско учество и младински политики, од ниту една реализирана мерка од Националната стратегија за млади, ниските буџетски средства кои се одвојуваат за младински политики, недоволно квалитетни политики за млади итн. Мора да се признае дека сето тоа се должи на недоволна сензитивност на властите спрема младинските приоритети и нивната ниска свесност за значењето на младите и одговорот на нивните потреби.

Трн: Каде не функционира системот за младите во Македонија? Можете ли да ни дадете конкретни примери за области кои итно бараат реформи?

Филип: Па можеби полесно би се одговорило каде функционира, затоа што тоа би биле две до три парцијални програми и делување на некои од институциите во системот. Како приоритетни прашања кои би требало да се адресираат се: мерки и политики за подигнување на младинскиот стандард вклучително и креирање на Закон за младински стандард, постигнување на политички и партиски консензус за квалитетлна реформа на образованието што нема да резултира со функционално неписмени млади, соодветно реструктурирање на Министерството за социјална политика, демографија и млади со што секторот за млади ќе биде активен чинител во креирање на одржливи и ефективни политики, програми и мерки за младите и секако дисперзирање на низа социјални, економски и културни сервиси за младите низ целата држава наместо нивна концентрација во главниот или поголемите градови во државата. И би ја напоменал уште еднаш Стратегијата за млади усвоена изминатата година која повикува на меѓусекторска соработка и што нејзината имплементација би значела унапредување на состојбите во државата.

Трн: Како се организирани студентските организации и собранија во Македонија? Што мислите за нивната ефикасност и влијание во застапувањето на студентските права?

Филип:Изминатите години се направи значителен напредок со законското уредување на студентското организирање преку предвидување на факултетски и универзитетски студентски собранија. Со тоа се отвори легитимен простор за значајно и суштинско учество на студентите во процесите на носење одлуки кои директно или индиректно ги засегаат нив и можност за институционализирано адресирање на нивните потреби. Навистина не радува и спремноста на дел од студентската популација активно да се вклучи во овие тела и да бидат гласот на студентите. Се забележува дека бројот на студенти кои одлучуваат да бидат дел од овие собранија не е значително голем, но сепак со воспоставување на добри практики и со резултатите од досегашната работа на универзитетските собранија мислам дека интересот ќе започне да расте. Затоа што токму постигнатите резултати и извојувани битки на претставниците на студентските собранија се најголемиот стимул за вкчучување на што е можно повеќе студенти. Како НМСМ сме партнери на студентските тела и воедно сме отворени како мрежа за нивно членство. Моментално универзитетските студентски собранија на УКИМ и УКЛО се дел од нашето членство, но секако ги охрабруваме и останатите собранија да се приклучат затоа што голем од нивните заложби се и наши, воедно НМСМ постојано работи на експертска, финансиска и организациска поддршка на членките. Повикот за нови организации членки е отворен и може да се најде на нашите канали.

И секако се залагаме за уредување и на средношколското организирање со новото законско решение за средно образование, затоа што така младите уште на помала возраст ќе имаат можност да бидат активни и да градат критичко-конструктивен став и пристап.

Трн: Дали студентите во Македонија добиваат доволна поддршка преку студентски попусти? Каде гледате простор за подобрување?

Филип: Може да се истакне дека во претходниот период се направија извесни подобрувања по однос на студентскиот стандард преку зголемување на износите за стипендиите, воведување на нови категории на стипендии како и лансирање на мерката студентски субвенциониран оброк. Свесни сме за низата недостатоци при нивно доделување и администрирање, но сепак се извесно поместување. Дали се доволни? Мислам дека ниту еден студент не би дал потврден одговор на ова прашање. Прашањето за студентски стандард навистина е комплексно и треба да го опфати домувањето на студентите, стипендирањето, пристапот до студентски здравствени и социјални серивиси, финансиската независност на студентите, инклузијата на млади со попреченост, и секако во крајна линија квалитетот на образование кои младите го добиваат. Треба дефинитивно да се размилува за иновативни методи на менаџирање на студентските сервиси, инкорпорирање на бизнис модели и прилагодување на позитивни практики од странство.

Трн: Како може младите да се мотивираат да останат и да градат иднина во Македонија? Што треба да направат институциите, но и младите самите?

Филип: Согласно последните истражувања, младите го поставуваат нискиот животен стандард како највисоко рангирана причина за заминување од државата. Тоа значи дека ако до пред неколку години класничните економски причини беа главен мотив, сега сме се вратиле чекори наназад затоа што дури и при поволни екомонски условите младите најверојатно пак би биле спремни да ја напуштат државата. Статистиките моментално говорат дека над 60% од младите би ја напуштиле државата ако им се понуди шанса, а уште попоразителен е фактот е дека дури 70% од нив не би размислиле да се вратат во државата. Тоа би значело купување на билет за во еден правец, што навистина треба да биде силен аларм за ова општество.

Она што може да се направи е навистина системски да се разгледаат сите аномалии и предизвици со кои се соочуваат со младите, да се постигне политички и државен консензус по истите прашања и конечно да се испорачаат мерки, програми и политики кои ќе бидат во најдобар интерес на младите. Мислам дека конечно треба да се направи нешто што би значело барем мал повод младите да останат во нашата државата, затоа што моментално скоро и да не постои повод или причина за тоа.

Трн: Зошто студентите не работат преку студентски сервиси како што е случај во западните земји (читални, библиотеки, спортски сали, студентски домови)?

Филип: Одговорот можеби е прилично едноставен, затоа што такви можности не им се понудени, такви сервиси не се воспоставени во тој формат и ниско-конкуретните услови во наведените институции. Читалните, библиотеките, спортските сали и студентските домови треба да претрпат значајна реформа во нивното организирање и работење за еден ден да бидат атрактивни за студентите да гледаат можност за нивен кариерен или работен ангажман. Постојат доста примери за модели кои може да се пресликаат кај нас, само е потребна спремност од институциите за да направат таков чекор.

Трн: Околу условите во студентските домови: број на легла, услови во кои се наоѓаат,  квалитет на храна?

Филип: Како совет будно ги следевме состојбите со студентските домови, незадоволителните услови и предизвиците за обезбедеување на доволен број на сместувачки капацитети. Дефинитивно треба да се размислува за нови модели за финансирање кои ќе комбинираат бизнис елементи, јавно – приватно партнерство и други опции за диверзификација на изворите на финансирање. Секако може да се разгледаат и можностите за домување во станбени единици во приватна сопственост со кофинансирање од државата или пак усвојување на мерки за намалување на трошоците за ваквото домување. Но, е значајно да се има долгорочен план за унапредување на состојбите со домувањето на студентите што би резултирало со надминување на тековните предизвици.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни