Младите на сцена, солидарноста во ритам – најавен фестивалот „Млади за млади“ на летната сцена Славиша Кајевски

Програмата за овогодинешното издание на летната сцена „Славиша Кајевски – Млади за млади“ беше официјално најавена на денешната прес-конференција, каде што беше истакната клучната порака: културата како двигател на солидарноста. МНТ во соработка со Стереолаб и поддршка од Македонски Телеком, фестивалот оваа година ќе се одржи во два викенда – на 12, 13, 14 и 19, 20, 21 јуни, со почеток секоја вечер од 20:30 часот и симболична цена на билет од 300 денари. Сите собрани средства се наменети за помош на настраданите од Кочани.

Дарко Јорданов, уредникот на Стереолаб, потенцираше дека фестивалот има две главни цели – да им даде глас и видливост на младите артисти од независната сцена, и да го поттикне чувството на заедништво и одговорност преку културата.

Фестивалот ќе се отвори на 12 јуни со настап на младата SPACE Анастасија, позната по своето деби на „Земјотрес“ во МКЦ. Следуваат FUNK SHUI, еден од најпознатите домашни бендови.
На втората вечер, публиката ќе ужива во FICTION, рок-состав со енергичен настап.
Третата вечер ја носи КЕМ со нивната нова РНБ плоча, а потоа ПОЕТРОНИКА – поетско-електронски перформанс на Оливер Митковски и Андреја Салпе, заокружен со уникатен диџеј-сет на Марко Иван Кочишки.

Вториот викенд, на 19 јуни, започнува со настап на Мартин Џорлев, кого Јорданов го нарече еден од најталентираните музичари денес. Потоа следува Гола планина, кои ќе претстават нов ексклузивен проект „Животни“, додека вечерта ја затвора Елена Васова со својот препознатлив музички израз.
На 21 јуни, ексклузивен концерт ќе одржи бендот Новиот почеток, а веднаш потоа ќе настапи МИЛКО, дел од „западноскопската“ рокенрол сцена. Финалето на фестивалот му припаѓа на Vagina Corporation, регионално афирмиран бенд со силна енергија.

Од Македонски Телеком изјавија дека повторно ја поддржуваат иницијативата зашто вистинското поврзување денес значи грижа еден за друг, особено кога станува збор за младите и нивниот потенцијал за позитивна општествена промена.

Никола Кимовски

Директорот на МНТ, Никола Кимовски, информираше дека оваа година нема да има театарски претстави во рамки на фестивалот, бидејќи техничките услови од минатата година не овозможиле квалитетна изведба.

Дарко Јорданов

На новинарско прашање од ТРН што би го сметал за најголем успех на фестивалот, Јорданов искрено одговори:
„Публиката што ќе дојде и што ќе ги чуе младите таленти – тоа е нашата најголема победа.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни