Младите автори носат нови визии во книжевноста

Новиот бран млади автори веруваат дека книжевното творештво служи да ги раздолжи самите со себе. Вo петок во Europe House Skopje, „Култура Бета“ го организира второто издание на „Клинци“. Андреј Медиќ Лазаревски, Викторија Ангеловска, Драгана Стојадиновска, Дамјан Златановски и Софија Тодороска се новите писателски имиња кои велат дека се секогаш отворени за креирање на нов простор за слободен израз.

Трн: Од каде идејата за таква иницијатива, за младинско здружение „Култура Бета“и каков вид настани организирате?

Андреј: Идејата произлезе од потреба за простор за младинско изразување, од потреба за развој на една неформална, вонинституционална и младинска независна култура. Затоа решивме да ја формираме Култура Бета, платформа за секој млад уметник, автор, музичар… Организираме културни настани од секаков вид, главно со фокус на поезијата и книжевноста, но и изложби, промоција на музички албуми, концерти.

Андреј Медиќ Лазаревски

Трн: Дали има бариери за младите луѓе?

Викторија: Важно е само да ги надминеме личните бариери. Мислам дека во моментов навистина има доволно простор за себеизразување, независно дали е тоа учество на различни книжевни фестивали, или на книжевни вечери и поетски читања.

Дамјан:  Не мислам дека во книжевниот свет има особено големи бариери кои ги таргетираат конкретно младите луѓе. Повеќе би рекол дека постои бариера за поголемиот број автори, односно немање на култура за читање под еден; под два домашните автори често се чинат непривлечни, особено кон помладите генерации; и под три сета уметност која се создава и сета онаа која ни е оставена во аманет, денес е загрозена од „евтината комерцијала“ и „квазиуметници“ прикриени под изговорот „за вкусовите не се расправа“.

Дамјан Златановски

Драгана: Да мислам дека постојат бариери и ограничувања кои веројатно се резултат на преголем притисок.

Трн: Што те натера да се бавиш со книжевност ?

Андреј: Дефинитивно потребата за изразување!

Викторија:  Пишувањето било есенцијален дел од мене, отсекогаш. Така и сосема природно си дојде бавењето со книжевност. Не беше одлука што сум ја премислувала или сум ја донела свесно.

Трн: Како се чувствуваш во светот на книжевноста каде што искусните автори имаат големо влијание?

Викторија: Светот на пишаниот збор секогаш бил место во коешто се чувствувам своја и прифатена. Дефинитивно главното чувство е она на припадност.

Викторија Ангеловска

Дамјан: Во уметноста има простор за секој еден кој сака да твори и има што да каже. Понекогаш популарноста на парче уметност (во која било форма) се должи на квалитетот, понекогаш на писменоста или нивото на образование на перципиентите на таа уметност. Немам одговор на ова прашање, сметам дека уметноста, особено пишувањето не може да служи како средство кое ќе ти ги плаќа сметките, напротив книжевното творештво служи да те раздолжи самиот со себе. Затоа не гледам пречка во влијанието од позрелите автори во аспект на „пробивање“. Во аспект на влијание врз младиот човек како уметник, сметам дека има доста да се научи од големите мајстори на перото. Има доволно простор и публика за секој кој сака да твори, а доколку успееш да постигнеш и комерцијален успех (кој никако не е индикатор на квалитет) тогаш тоа е само еден плус!

Трн: Дали можеби како автори сте под нечие влијание?

Андреј:  Секој автор тргнува со своето читачко искуство во пишувањето.

Викторија: Верувам дека сите автори чиешто творештво го чувствувам, ценам и почитувам ме имаат променето, свесно или несвесно.

Дамјан: Дефинитивно, но се уште немам издадено свое книжевно парче, ниту чувствувам дека го имам пронајдено својот стил за да дадам конкретен одговор.

Драгана: Секако дека други уметници и општо луѓето во мојата околина влијаат на моите творби.

Софија:  Директно влијание не би можела да посочам.. Веројатно бидејќи сите луѓе некако природно тежнееме да си ја изградиме својата оригиналност, меѓутоа дефинитивно би било невозможно без да се постават солидни темели.. Едни од за мене најзначајните поети кои имаат посебно место во моето личносно и творечко раснење се Блаже Конески, Анте Поповски и Цане Андреевски.

Софија Тодороска

Трн: Кои се главните цели и пораки што сакате да ги пренесете со вашите дела?

Викторија: Сѐ што некогаш сум напишала означува некој период во мојот живот. Сѐ е навистина лично, па можеби главната цел е да направам некој да се почувстввуа помалку сам во сѐ она што го чувствува. Пораката би била дека е во ред да си ранлив и сензитивен.

Дамјан: Кога точиш емоција во стих, често и самиот ти како поет се претвораш во перото и од тебе излегуваат чувствата кои сами се отпечатуваат на парче хартија. Доста пати кога ќе читам свои постари дела ги доживувам од нова перспектива, понекогаш и за првпат како да ги немам напишано самиот. Затоа верувам дека поезијата е премногу субјективна и има онолку пораки и толкувања колку што има читатели. Пораката не е апсолутна.

Трн: Како се обидувате да ги менувате стереотипите за младите автори и нивната креативност?

Андреј: Постојано се обидуваме на најразлични и креативни начини. Главно покажуваме колку можеме и што можеме да направиме. Сметам дека со појавата на Култура Бета и неколку организации слични на нас, младите успеваат да покажат дека имаат визија како да ја променат состојбата со културата во ова општество и покажуваме дека и овие млади не само што можеме да правиме, туку и многу правиме и придонесуваме за развојот на младинската активност, креативност и уметност.

Викторија: Моето пишување секогаш било само уште еден начин на дишење за мене и никогаш немало некоја поголема цел, како што е на пример да менува или руши стереотипи. Ако сум успеала во тоа, сепак, мило ми е.

Трн: На што се должи големиот изблик на дела од млади автори во последно време?

Андреј: Сметам дека се должи на неколку фактори. Најпрво, таа една задушеност што многу се чувствуваше за време на пандемијата, тоа беше време кога многу млади започнаа со своето културно дејствување, најдоа време и создадоа простори (иако на почетокот онлајн, но потоа и физички) каде што ја претставуваат својата уметност. Второ, се појавуваат многу младински движења и уметност поради потреба од силни системски и општествени промени. И трето, тоа се должи на заложби на неколку издавачки куќи, здруженија, фестивали и искусни автори и уредници кои препознаа квалитет во тоа што го правиме – тука секако ќе ги споменам Јулијана Величковска и издавачката куќа ПНВ Публикации како едни од најревносните издавачи на млади автори, потоа фестивалите Скопски поетски фестивал и Поетска ноќ во Велестово каде секогаш има и учесници од младата книжевна генерација; Филолошкиот факултет како една од главните места каде младите автори почнуваат да работат, творат, прават настани и, секако, кафе-книжарницата „Буква“ која е едно од ретките места во градов каде што се создава и се дава простор на таа алтернативна култура.

Трн: Дали верувате дека поезијата ќе го смени светот?

Андреј: Никогаш не сум фан на ова прашање бидејќи не сметам дека поезијата директно би можела да го смени светот, но односот на системот кон културата може барем малку да го промени општеството.

Викторија: Поезијата дефинитивно веќе го менува светот, барем мојот.

Дамјан: Тој потенцијал на поезијата да поместува граници лежи во нејзината способност да разбуди емпатија, да ги предизвика гледиштата и да инспирира акција. Иако поезијата сама по себе не може директно да го промени светот, таа го засадува семето на меѓусебно разбирање на нивото на чувствата и гради поврзаност на нивоа кои можат да катализираат и општествени промени со текот на времето. Различните жанрови и одлики, како и техники и стилови со кои се служат поетите можат да ја истенчат границата помеѓу уметност и револуција.

Драгана: Верувам дека секоја поезија менува барем мал дел од свесноста и енергијата на светот и дека секако светот се менува од момент за момент.

Софија: Да би умееле сите да го слушнат јазикот на поезијата и да ги откријат механизмите на нејзиното раѓање и постоење во светот надвор и во светот внатре, тогаш би умееле да најдеме и подобар начин разбирливо да ги речеме своите тишини од кои извираат сите недоразбирања. Така интертекстуалноста на животот не би не чинела збунети и далечни од себе и од другите, но би ни била алатка за откривање на убавината на заедништвото, сочуствителноста и несебичноста. Не верувам дека некогаш ќе можам да речам дека сум ја разбрала, но светот сигурно би бил поубаво место ако откривањето на животната поезија стане наша заедничка мисија.

Трн: Антологијата на млади писатели, „Ново раѓање на зборот“ дали ќе има продолжение?

Андреј: Како што кажаа и приредувачите Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски на неколкуте промоции кои оваа антологија ги имаше минатата година, „Ново раѓање на зборот“ доаѓа после точно 10 години од една претходна антологија „Ветрот носи убаво време“ каде беа застапени тогашните млади автори. Не можам да кажам дека буквално ќе има продолжение, но верувам дека за десет години од сега, нашат генерација можеби, ќе направи антологија на некои идни млади автори.

Трн: Дали можеби размислувате за свој фестивал „Струшки вечери на поезијата“ за млади?

Андреј: Секако дека не! Но затоа правиме други настани за млади, тука се настаните „Поетска епизода“ и „Клинци“ што ги организираме со Култура Бета каде што се претставуваат млади автори, постои настанот за млади „Отскочна даска“ во рамки на Скопскиот поетски фестивал, како и други помали засебни настани, поетски читања, книжевни гостувања со фокус на млади. Но, треба да се каже дека лани и претходните неколку години фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ покажа одредена доза видливост за младите автори – лани во рамки на фестивалот се промовираше антологијата „Ново раѓање на зборот“, млади автори влегуваа во потесен избор или беа наградени со наградата „Браќа Миладиновци“ и беа дел од читањата на фестивалот.

Викторија: Секогаш сме отворени кон креирање нов простор за слободен израз на млади, креативни луѓе, независно дали станува збор за мали читања или проекти како што се поетските фестивали.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни