Младиот муслиман роден во Уганда би можел да стане новиот градоначалник на Њујорк

Мамдани е роден во Уганда, детството го поминал во Кејп Таун, Јужна Африка, а подоцна се преселил во Њујорк. Син е на реномираниот универзитетски професор Махмуд Мамдани и индиската филмска режисерка Мира Наир

Жителите на Њујорк вчера излегоа на гласање на внатрепартиските избори, кои многумина ги сметаат за клучни во определувањето на идниот градоначалник на градот, но и како сигнал за иднината на Демократската партија.

Во трката се соочуваат двајца кандидати со драстично различни ставови: поранешниот гувернер на Њујорк, Ендру Куомо, поддржан од центристички кругови и богатите донатори, и 33-годишниот демократски социјалист Зохран Мамдани — млад муслиман и мигрант роден во Уганда.

Куомо, кој поднесе оставка во 2021 година поради обвинувања за сексуално вознемирување, на почетокот на изборната трка важеше за фаворит. Но, Мамдани доживеа силен подем во анкетите во последните недели, што навестува дека би можел да има корист од специфичниот систем на гласање.

Поддршка од младите гласачи

Гласачите во Њујорк имаат можност да рангираат до пет кандидати според лични преференции. Анкета објавена вчера покажа дека овој систем потенцијално му оди во прилог на Мамдани. Податоците покажуваат дека 40% од раните гласачи се под 40 години — демографија во која Мамдани има значајна предност.

Истражување од минатата недела покажа дека дури 60% од младите на возраст од 18 до 34 години би го ставиле Мамдани на прво место, додека само 10% би го избрале Куомо.

Мамдани води кампања на прогресивна платформа, ветувајќи замрзнување на кириите и бесплатен автобуски превоз низ градот. За разлика од него, Куомо ја води кампањата дискретно, избегнувајќи масовни собири.

Кој е Зохран Мамдани?

Мамдани е роден во Уганда, детството го поминал во Кејп Таун, Јужна Африка, а подоцна се преселил во Њујорк. Син е на реномираниот универзитетски професор Махмуд Мамдани и индиската филмска режисерка Мира Наир.

Во јавноста се прослави во 2021 година, кога се приклучи на 15-дневен штрајк со глад на њујоршките таксисти, барајќи отпишување на нивните огромни долгови.

Ако биде избран, Мамдани ќе стане еден од најмладите градоначалници во историјата на Њујорк, а воедно и првиот муслиман кој ќе ја извршува оваа функција. Во градот живеат над половина милион муслимани, но и една од најголемите еврејски заедници надвор од Израел.

Финансирање преку повисоки даноци

Мамдани најави дека неговите социјални политики би се финансирале преку зголемување на даноците за најбогатите. Сепак, вакви измени бараат одобрување од гувернерката Кети Хочул, која веќе го критикуваше планот, предупредувајќи дека тоа би можело да предизвика масовна миграција кон сојузни држави со пониски даноци, како Флорида.

Актуелниот градоначалник — без партија, со мал рејтинг

Иако демократскиот кандидат најверојатно ќе биде избран за 111-ти градоначалник на Њујорк, тоа не е целосно загарантирано. Актуелниот градоначалник Ерик Адамс, кој победи во 2021 како демократ, оваа година се кандидира како независен, но е сериозно непопуларен. Минатата година беше обвинет за примање мито и нелегално финансирање кампања, но обвиненијата беа отфрлени во април.

Кладилниците Polymarket и Kalshi му даваат предност на Мамдани. Според последните бројки, Polymarket му дава 62% шанси за победа, а Kalshi 57%.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни