Младинско вработување и отворање на 42 младински локални центри

Агенцијата за млади и спорт во координација со голем број младински граѓански организации ја напиша новата Стратегија за млади 2023 – 2027. Таа е во процедура на усвојување, а очекувањата на сите учесници во процесот се големи, особено тоа дека конечно е дефиниран документ кој директно ќе го намали интересот кај младите за напуштање на државата. Фокусот за остварување на оваа замисла најмногу е содржан во делот на стратегијата наречен „младинска работа“, се планира безбеден простор и квалитетна поддршка за секој млад човек на локално ниво. Она што до сега недостасуваше сега може да прерасне во организиран систем за заштита на младата популација и низ процес на едукација да се искористат потенцијалите на младите, тука во државата. За да може на крајот да зборуваме за успешна стратегија, со вработени млади, неопходно е да се отворат планираните 42 локални младински центри, сега имаме само шест, за да може да се создадат квалификувани и посветени млади работници.

Широк консензус за Стратегијата 2023-2027

„Стратегијата, како документ, сметам дека одговара на реалните потреби на младите, со оглед на тоа дека се поаѓа од истражување на младинските трендови, како и други релевантни истражувања, а особено бидејќи е креирана низ широк консултативен процес со вклучување на голем број млади, младински и организации за млади, институции… Ако земеме предвид дека проблемите и предизвиците на младите се разгледувани низ осум тематски области (младинско учество; младинско информирање; младинска работа; образование; култура; здравје; претприемништво и поддршка пред вработување; безбедност), додека хоризонтално се третираат уште неколку теми (заштита на животната средина; родова рамноправност; недискриминација; дигитализација), Стратегијата планира решенија што во сите тие области што ќе придонесат кон значителни подобрувања.“ – изјави за Трн,  Драгана – Дина Митровиќ, програмска координаторка во Секретаријатот на Сојузот за младинска работа.

Таа пренесува свои лични мислења, но била дел од тимот кој работел на Стратегијата. Оттаму и нејзиниот оптимизам, дека голем број организации сега знаат што им е таргет и на што треба да се фокусираат во својата работа.

Гордана Цекова од Агенцијата за млади и спорт пренесува искуство дека младинската перспектива во процесите на креирање и донесување на политики е од фундаментално значење за зајакнување на демократијата, поттикнување на активното граѓанство и градење на инклузивно општество.

„Иако Законот за младинско учество и младински политики дава можности и насоки за широко и систематско вклучување на младите, сепак младите сѐ уште се соочуваат со низа предизвици за активно вклучување во општествените процеси. Во НСМ се предвидени повеќе стратешки цели и мерки кој носат кон подобрување на состојбата со младинското учество. Истите се  насочени кон подобрување на квалитетот на младинското учество во сите сфери на општеството, како и јакнење на улогата на младинскиот сектор, стремејќи се кон препознавање на младите како рамноправен партнер на институциите при креирање на политики во области кои се од нивен интерес, со широка примена на можностите кои ги нуди дигиталниот простор.“- вели за Трн, Цекова, која признава дека до сега немало евалуации за претходните стратегии за младите, но уверува дека овој пат документот е сосема нешто друго, односно дека е применлив и со реални шанси за подобрување на статусот на младите во општеството.

Прв пат имаме Стратегија со јасни решенија, само да се спроведат

На иста линија се и во младинските организации од каде што потенцираат дека квалитетот на Стратегијата, покрај инклузивниот и широк процес на креирање, е предвидувањето на објективни и мерливи индикатори за секоја тематска област преку што ќе може да се следи спроведувањето на истата. Предвидена е изработка на двегодишни акциски плана, каде ќе се дефинираат специфични активности, буџети и ќе се определи одговорноста (која институција ќе биде носител за специфичните акции), а исто така, опишува и годишно известување и годишни тематски дискусии за следење на спроведувањето.

Стратегијата обработува неколку теми, како Младинско информирање – креирање и споделување квалитетни и сеопфатни содржини за млади, на јазик којшто е разбирлив и прилагоден на младите; Младинска работа – зголемена достапност на одржлива и квалитетна понуда на младинска работа спроведувана од страна на професионални младински работници, во рамки на формално препознаен систем за младинска работа; Образование – модернизирање на образовниот систем по мерка на младите, вклучувајќи подигнување на квалитетот на образованието и подготвеноста на младите за пазарот на трудот, подобрување на инфраструктурата, ревидирање на наставните програми и поддршката за наставниците, како и зголемување на соработката и мобилноста на младите во рамки на образовниот процес; Култура – задоволување на улогата на младите како креатори на културни содржини, како учесници во културни програми и како публика. Тоа подразбира и достапна инфраструктура како простор за работа, креација и следење на културни содржини, современо образование и можност за професионална работа во полето, како и поддршка на соработката помеѓу младите во домашен и меѓународен контекст, која ќе придонесе во градење на кохезивни заедници; Здравје – современа здравствена писменост и информираност на секој млад човек, со цел на развивање на соодветни алатки и достапност на услуги за ментално, физичко и сексуално здравје, во рамки на здрава животна средина. Овие пет аспекти на здравје ја рефлектираат целисходноста на дефиницијата на СЗО и овозможуваат на младите развивање во најдобрата верзија од себеси; Безбедност – инклузивен системски одговор на предизвиците од аспект на личната безбедност и сигурност со кои се соочуваат младите на начин кој е разбирлив и соодветен за нив. Притоа да се  овозможи околина во кои тие ќе можат успешно да се развиваат во отпорна, силна и кохезивна средина; Претприемништво и поддршка пред вработување – да се поттикне долгорочната финансиска стабилност и професионален раст на младите лица.

И високообразованите кадри да останат дома

Ако сето ова се вмрежи и се спроведе тогаш навистина може да се очекува подобрување на положбата на младата популација. Јасно ни е на сите дека во ерата на дигитализација, при лесна достапност на младите до наркотици и алкохол, широките можности за заминување во странство, станува тешко младите целосно да се образуваат и да придонесат во градењето општество. Но, тоа не значи дека не треба да се носат документи и да се спроведат мерки позитивно ќе влијаат врз младите.

„Спроведувањето на Стратегијата очекувам дека ќе влијае кон подобрување на условите за младите и со тоа ќе реши дел од причините кои ги наведуваат младите својата иднина да ја бараат надвор од земјава (58% од младите би се иселите доколку им се укаже можност; дури 20% од оние кои заминале се високо образовани; 80 отсто млади сметаат дека државата не го користи нивниот потенцијал…). Преку давањето на приоритет на младите, нивниот потенцијал и креативност, и надминувањето на проблемите кои тоа го оневозможуваат – што е предвидено со Стратегијава, работите ќе почнат да се менуваат и сигурна сум дека тогаш младите нема да имаат причина да ги напуштаат своите домови и семејства впуштајќи се во потрага по подобри услови во некоја туѓа држава каде ќе бидат повеќе вреднувани.“- оптимистички предвидува Митровиќ.

Секако дека и за реализација на Стратегијата се неопходни пари, но инвестирањето во младите и инвестирање во иднината на државата. Оттаму, овој документ е неопходно да се спроведе во целост доколку навистина сакаме младите да останат дома, а при тоа да ги користиме нивните потенцијали.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни