На 15 ноември, Скопје доби редок музички подарок — настап на Младинскиот хор од Солун, кој ја исполни салата на Македонската филхармонија со гласови што ги надминуваат границите и ги спојуваат градовите. Вечерта помина во дух на заедништво, уметничка чистота и искрена младинска енергија.
Концертот беше организиран по покана на Грчката амбасада, во партнерство со Солунскиот државен симфониски оркестар, како дел од програмата за балканска соработка и новата регионална отвореност на оркестарот.
Настапот не беше само концерт, туку доживување. Хорот, составен од млади гласови со извонредна дисциплина и зрелост, донесе атмосфера во која секој тон звучеше како покана за поврзување. Публиката ја следеше изведбата во тишина што зборува повеќе од аплауз.
Многу сме возбудени што сме денес тука, што учествуваме во оваа организација и што може да имаме концерт во оваа институција, бидејќи само на овој начин може да оствариме вистински пријателства и да имаме соработка – изјави хористката Ана Срамоглу од Wandering Echoes.
Јанка Димов, истакна дека викендот учениците од Основното музичко училиште „Ристо Јуруков“ од Кочани, деца што ги изгубија свои најблиски во трагедијата во Кочани, имаат чест да бидат повикани на посета на концертот организиран од страна на Грчкиот хор и дека се надеваам дека оваа соработка ќе продолжи и понатаму.
Во кратките обраќања пред почетокот се претставија Марија Лазарова — директорка на музичкото училиште во Кочани, Антонис Константинидис — советник за образование за Источен Солун, и Александра Мавриду — директорка на средното музичко училиште во Солун, нагласувајќи ја важноста на младинските културни размените.
Александра Мавриду, директорка на Средното музичко училиште во Солун, изјави:
„Денешната средба што ја остваривме заедно со директорката на Музичкото училиште од Кочани и со учениците од Кочани испрати големи пораки за сите музички училишта во Грција — пораки за соработка, пријателство и взаемна почит. Многумина велат дека оваа соработка е, всушност, еден вистински пример за културна дипломатија.“
Како што истакнаа дел од присутните, ваквите настани не се само културни случувања, туку вистински можности за вмрежување и создавање нови меѓудржавни иницијативи. Концертот во Скопје веќе отвора врати за следни заеднички проекти — а следната пролет, македонската публика ќе може да ги поздрави своите партнери од Солун на нова средба.
Скопје уште еднаш ја покажа својата културна гостопримливост. А гласовите од Солун, полни со младинска чистота и топлина, оставија трага што долго ќе одекнува меѓу оние што ја почувствуваа оваа посебна вечер.




