Младите без шанса без искуство, лицата со попреченост без пристап: Пазарот на трудот со скриени бариери

Истражување на „Икуалити“ открива возраст, стереотипи и недоволна пристапност како клучни пречки за еднакво вработување

Возраста, стереотипите и недоволната пристапност остануваат клучни бариери за младите, жените и лицата со попреченост при пристапот до пазарот на трудот во Македонија. Ова го покажува истражувањето спроведено во рамки на проектот „Зголемување на атрактивноста на пазарот на трудот преку професии без граници“, предводен од Здружението Икуалити.

Истражувањето „Анализа на трендовите, предизвиците и бариерите во процесот на вработување“ опфати два прашалника – еден насочен кон компании од повеќе сектори (земјоделство, туризам и угостителство, циркуларна економија, текстилна и автомобилска индустрија, прехранбена индустрија) и втор што го анализира искуството на младите, жените и лицата со попреченост. Анализата ги опфати Скопје, Битола и Кавадарци, а прашалниците беа дистрибуирани преку мрежата на Икуалити и дополнителни контакти од комори и асоцијации.

Младите и „магијата“ на искуството

Наодите покажуваат дека првиот чекор на младите кон пазарот на трудот е значително отежнат. Дури 69,2% од компаниите преферираат кандидати на возраст од 26 до 35 години, додека младите од 18 до 25 години се помалку застапени.

Кај младите најизразена перцепција е дека „се бара исклучиво искуство“ (30%), што создава чувство на ограничени можности за почетници. Овој јаз меѓу очекувањата на работодавачите и реалноста на младите кандидати се наметнува како еден од клучните проблеми.

Лица со попреченост: меѓу стратегија и пракса

Истражувањето укажува и на сериозен јаз меѓу декларираните политики и реалната примена кога станува збор за вработување лица со попреченост. Иако 76,9% од работодавачите сметаат дека нивниот сектор е погоден за ангажирање на оваа категорија граѓани, во 56,5% од компаниите тоа сè уште не е применето во пракса.

Причините, според компаниите, најчесто се поврзани со недостиг на кандидати, природата на задачите (теренска и физичка работа, работа со машини, патувања) и недоволно прилагодени работни позиции.

Родови дисбаланси и стереотипи

Во однос на еднаков третман, анализата открива структурни дисбаланси по сектори. Во автомобилската индустрија 70% од вработените се мажи, во преработувачката 75% мажи, додека во текстилната индустрија 70% се жени.

Дополнително, 19% од испитаниците посочуваат стереотипи поврзани со родителството и напредувањето како бариера, а по 16% наведуваат недоволна пристапност и влијанието на „врските“ како фактори што го нарушуваат принципот на правичност.

Флуктуација и позитивни практики

Компаниите како главни предизвици ги наведуваат конкуренцијата, иселувањето, сезонските миграции и недостигот на експерти. Сепак, посочуваат и позитивни практики како можности за професионален раст и развој, програми за пракса како почетна точка за млади лица, пофлексибилно работно време и пристап што го вреднува ентузијазмот и потенцијалот, а не само претходното искуство.

Потреба од системски мерки

Истражувањето ја нагласува потребата од конкретни мерки што ќе го олеснат пристапот на младите до работни позиции, ќе ја намалат улогата на стереотипите во кариерниот развој и ќе ја унапредат пристапноста за лицата со попреченост. Според авторите, само така еднаквите можности ќе преминат од декларативна заложба во реална пракса.

Целосното истражување „Анализа на трендовите, предизвиците и бариерите во процесот на вработување“ е достапно на следниот линк.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни