Филмот „Млади мајки“ носи тивка, но силна приказна за борба и надеж

Новиот филм „Млади мајки“ на браќата Дарден, награден во Кан, носи силна општествена приказна и веќе се прикажува во кината.

Новиот филм на Жан-Пјер и Лик Дарден, „Млади мајки“, носи уште една силна општествена приказна, овојпат сместена во дом за млади мајки што се обидуваат да изградат подобар живот за себе и за своите деца. Филмот почна да се прикажува во кината од 26ти март, продолжувајќи ја нивната препознатлива линија на социјално ангажирани филмови.

Во центарот на приказната е дом за млади мајки, каде живеат пет жени што пораснале во тешки животни услови. Тие се борат за себе и за своите новородени деца, обидувајќи се да им обезбедат посигурна иднина.

Авторите велат дека идејата за филмот се родила по телевизиски документарец за ваков вид домови. По посетата на едно такво место и разговорите со млади самохрани мајки, социјални работници и психолог, вниманието им го привлекол токму заедничкиот живот во тој простор, оброците, грижата за бебињата и разговорите за мајчинството, насилството, зависностите и секојдневниот страв.

Но, зад таа заедничка слика стојат и поединечни животи. Филмот не се задржува на една главна хероина, туку гради повеќе паралелни портрети на млади жени што се справуваат со неизвесноста, со сопственото минато и со товарот на новата улога. Според браќата Дарден, секоја приказна е обликувана според внатрешната сила на секоја мајка и нејзиниот однос со детето.

„Млади мајки“ беше прикажан и на Канскиот фестивал, каде ги освои наградата за најдобро сценарио и наградата на екуменското жири.

Жан-Пјер и Лик Дарден се меѓу најзначајните европски режисерски имиња на современиот филм. За „Розета“ во 1999 и за „Детето“ во 2005 ја добија Златната палма во Кан, а меѓу нивните познати филмови се и „Лорнината тишина“, „Момчето со велосипед“, „Младиот Ахмед“ и „Тори и Локита“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни