Разговор со Александра Филипова, програмски менаџер во НМСМ

Млади Hub – јадро за борба со родовата нееднаквост

Проектните активности им овозможуваат на младите да стекнат знаења, вештини, самодоверба, но и да се поврзат меѓу себе.

Главната цел на МладиХаб проектот – „Еднакви можности за девојчињата и младите жени во Северна Македонија“  е да ги поддржи и поттикне девојките и младите жени да станат поактивни во општеството и да креира поеднаков пристап до можностите во јавниот живот на земјата и во приватниот сектор, а со тоа и во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.

Проектот, исто така, има за цел да ја подигне свеста кај пошироката јавност за јазот во родовата нееднаквост и да ги оспори и предизвика родовите улоги, норми и ставови кои ги спречуваат девојките и младите жени да го исполнат својот потенцијал.

„Преку проектот се фокусираме на надминување на родовата нееднаквост. Девојките и младите жени во Северна Македонија се соочуваат со повеќе форми на дискриминација и бариери кои ги ограничуваат нивните можности и потенцијал, во различни аспекти од нивниот живот, како што се образованието, вработувањето, здравството, политичкото учество, медиумското претставување итн. Овие бариери често се вкоренети во патријархалната култура, стереотипите, предрасудите и резултираат со недостаток на информации и поддршка“, изјави за читателите на Трн, Александра Филипова, програмски менаџер во Националниот младински совет во Македонија.

Таа вели дека го иницирале овој проект бидејќи еднаквоста е основно човеково право и предуслов за одржлив развој. Преку проектот работат на обезбедување на знаења, вештини и можности за девојките и младите жени, кои ќе им овозможат да ги надминат нееднаквостите и поактивно да учествуваат во општеството. Покрај тоа, се обидуваат да влијаат  врз јавното мислење и креаторите на политиките, со цел да се креира породово сензитивна и инклузивна средина за девојчињата и младите жени.

„Сакаме да ги решиме овие нееднаквости и предизвици преку зајакнување на девојките и младите жени да станат поактивни во општеството и да имаат еднаков пристап до можностите во различни области“, истакнува Александра.

Трн: Кои се некои од клучните иницијативи или програми што проектот Млади Hub ги имплементираше за да се справи со овие прашања?

Александра: Иницијативите и активностите на кои работиме во рамки на проектот генерално може да се поделат во три различни компоненти:

  • Подобрување на улогата на жената во општеството – што вклучува подобро разбирање на концептите за родова еднаквост во креирањето и спроведувањето на политиките. Во рамките на оваа компонента работиме на национална социо-економска анализа за родовата нееднаквост помеѓу младите, онлајн и офлајн кампањи за кревање на свеста за родовата еднаквост и локални јавни настани, како панел-дискусии, дебати, работилници, за поддршка на девојките.
  • Програма за одржливо менторство за жени, особено на локално ниво – работиме на менторства, обуки за наставници, поддршка на локалните младински совети, поддршка на локални младински иницијативи, креирање на локални младински стратегии итн.
  • Овозможување економска независност за младите жени и девојки – во рамките на оваа компонента успешно ја спроведовме програмата за практикантство, преку која 100 млади лица добија двомесечно практично работно искуство. Моментално спроведуваме програма за кариерно советување, кое досега опфати над 50 млади лица. За кариерно советување може да се пријават сите млади кои кои се во дилема за изборот на кариера, факултет, професија, но и доколку сакаат промена во нивната кариера. Работиме и на иновативна мобилна апликација која значително ќе го олесни процесот на поврзување на младите со компании и организации кои нудат можности за вработување, волонтерство или практикантство.

Бидејќи овој проект е во своите почетоци, за сите останати активности и иницијативи кои ќе ги спроведуваме, препорачуваме да се следат нашите профили на социјалните мрежи Facebook, Instagram, Twitter, LinkedIn и TikTok.

Работиме и на иновативна мобилна апликација, која наскоро ќе биде достапна и ќе им овозможи на младите пристап до можности за вработување, практикантска или волонтерска работа на национално и регионално ниво. Мобилната апликација ќе биде лесна за користење и интерактивна и на неа корисниците ќе можат да креираат свој профил, да го закачат своето резиме, како и директно да аплицираат на различните можности кои ги нудат компаниите и организациите.

Трн: Кои стратегии или пристапи беа најефективни во ангажирањето и мобилизирањето на младите за активно учество во справувањето со нееднаквостите?

Александра: Кај девојките и младите жени веќе постои свесност за дискриминациите и нееднаквостите со кои се соочуваат и тие се заинтересирани да се вклучат во нашите активности. Самиот факт дека тие гледаат дека некој активно работи на подобрување на нивната ситуација служи како мотивација и тие самите да се борат за истото. Токму затоа, ние сме фокусирани девојките да дознаат за нашите активности, со цел да можат се вклучат во истите.

За момчињата, фокусирани сме на нивна едукација. Повеќето млади не се ни свесни за дискриминациите и пречките со кои се соочуваат нивните врсници. Зголемувањето на свеста на јавноста води и кон нивен интерес активно да се вклучат во надминување и справување со нееднаквостите на кои ќе посведочат.

Она што е воочливо за сите категории на млади, без разлика на нивната демографија, е дека сакаат интерактивни и забавни активности, а фронталните теоретски предавања кои потсетуваат на училишните клупи не се веќе привлечен метод, па се трудиме да одговориме на барањата и препораките на младите. Дополнително, секогаш има интерес за активности кои се директни и насочени кон конкретна индивидуа, како практикантството, менторството, кариерното советување, каде на младите може да им се обезбеди индивидуален пристап.

Трн: Како младите во заедницата можат да се вклучат или да имаат корист од проектот Млади Hub?

Александра: Младите можат да се вклучат во сите наши активности што ги спроведуваме преку проектот, истите се достапни за сите, на територијата на целата држава, а воедно се и бесплатни. Ги повикуваме сите млади лица, девојчиња, но и момчиња, кои се заинтересирани да дознаат повеќе за родовата еднаквост да се вклучат во нашите програми. Проектните активности им овозможуваат на младите да стекнат знаења, вештини, самодоверба, но и да се поврзат меѓу себе, со цел поактивно да учествуваат во општеството и да имаат еднаков пристап до можности во различни области.

Покрај тоа, како што веќе споменав, младите можат да ги посетат и нашите МладиХаб простории во Скопје, Битола, Штип и Тетово. Овие хабови често ги користиме за спроведување на активностите од проектот. Сите млади кои сакаат да се информираат околу проектот, слободно може да ги посетат просториите и да прашаат сѐ што ги интересира.

Дополнително, за во идниот период планираме и директен пристап до младите преку средните училишта.

Трн: Дали има некои партнерства или соработки со други организации или институции кои ја поддржуваат работата на проектот Млади Hub?

Александра: Да, во рамки на проектот, во соработка со Мрежата Стела спроведуваме и менторска програма за девојки и млади жени низ средните училишта. Менторската мрежа Стела веќе спроведува менторства кои им помагаат на жени и девојки да се реализираат професионално и академски, но за првпат оваа програма ја воведуваме и во средните училишта. Преку оваа активност, секоја заинтересирана девојка ќе добие своја менторка, односно ќе добие поддршка од искусна и професионална менторка, која е веќе остварена во областа што е од интерес за менторираната девојка.

Би сакала да споменам и дека од самиот почеток на реализирање на проектот и проектните активностите, добиваме континуирана поддршка и остваруваме соработка и со канцеларијата на Претседателот, за која сме навистина благодарни.

Трн: Дали би можеле да елаборирате како проектот Млади Hub конкретно ги поддржува девојките и младите жени да станат поактивни во општеството?

Александра: Активностите кои ги спроведуваме во рамки на проектот се дизајнирани да постигнат повеќе цели. Најпрво, тие ќе ја подигнат свеста на јавноста за родовата нееднаквост и дискриминациите со кои се соочуваат девојките. Доколку луѓето се свесни и ги препознаваат дискриминациите кои се одвиваат пред нивни очи, тие ќе може да се вклучат и во нивно спречување и елиминирање.

Покрај тоа, зајакнувањето на капацитетите на девојките и младите жени преку нашите активности како ментоската и практикантската програма, кариерното советување што го спроведуваме, како и мобилната апликација на која работиме ќе им овозможат да се стекнат со економска и финансиска независност, што е навистина значајно во борбата за права и вистинска еднаквост.

Во нашите активности ги вклучуваме и локалните граѓански организации, но и органите на локалната власт, кои преку конкретни активности ги адресираат специфичните потреби и предизвици со кои се соочуваат младите жени во нивните заедници.

Сѐ ова ќе води кон зголемена активност на жените во општеството, поеднаков пристап за нив до можностите во јавниот живот на земјата, како и во приватниот сектор, а со тоа и во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.

Трн:  Можете ли да споделите успешни приказни или примери на девојки и млади жени кои имаат значителна корист од поддршката и менторството на проектот?

Александра: Можам да споделам податоци кои ги потвдуваат успехот на нашите активности, но и потребата за истите помеѓу девојките и младите жени. Преку нашата практикантска програма, спроведена во 2021 година, 100 млади лица добија можност да се стекнат со реално практично работно искуство во индустриите во кои сакаат да ги градат своите кариери. Дополнително, 70% од младите кои беа вклучени во програмата, се вработија по завршувањето на нивната пракса. Оваа година повторно ја спроведуваме практикантската програма и повторно очекуваме позитивни резултати.

И програмата за кариерно советување ја спроведуваме по втор пат. Програмата за кариерно советување за прв пат ја реализиравме помеѓу октомври 2021 и март 2022 година и истата опфати 100 млади лица. Речиси 30% од учесниците се вработија 6 месеци по завршувањето на советувањето, а уште толку ја променија својата кариера во насоката која ја посакуваа.

Дополнителни успеси кои можам да ги истакнам се и фактот дека преку нашата акцелераторска програма за млади претприемачи успеавме да обезбедиме директна инвестиција од бизнис ангел за младински бизнис. За време на ковид-кризата, обезбедивме 800 бесплатни сесии со психолог за млади, а најчести корисници на оваа програма беа девојки, кои истата ја евалуираа со највисоки оценки. Подготвивме и повеќе прирачници за ментално здравје за млади, што се помеѓу нашите најчитани објави.

Повеќе информации околу успесите од оваа година и тековните проектни активности би можеле да споделиме откако ќе направиме евалуација на различните програми, но досега активностите се одвиваат со солидно темпо и очекуваме позитивни резултати.

Трн: Каква улога играат менторите или моделите за инспирација и водење на девојките и младите жени во рамките на проектот Млади Hub?

Александра: Како една од актинвостите на проектот, девојките и младите жени ги поврзуваме со менторки кои работат во најразлични области и вклучуваат претприемачки, професорки, жени активни во политичкиот и општествениот живот, жени кои се на лидерски позиции и на позиции каде што креираат политики, но и жени кои секојдневно учат и се надоградуваат во нивното поле на дејстување. Нивната менторска улога е да им помогнат на девојките и младите жени да ги реализираат своите идеи, а воедно и да ги охрабрат да се стремат кон рамноправен економски, политички и социјален статус и ангажман во општеството.

Дополнително, поврзувањето на девојките со веќе остварени менторки, но и претставувањето на моделите за инспирација, служи за мотивирање на девојките. Ти можат со свои очи да видат дека нивните соништа и идеи не се неостварливи, а воедно ќе добијат и поддршка и помош во нивната реализација.

Трн: Според вас, какво е значењето на зајакнувањето на девојките и младите жени да бидат активни во општеството и како тоа придонесува за пошироки општествени промени?

Александра: Зајакнувањето на девојките и младите жени и нивното мотивирање да бидат поактивни во општеството е многу значајно и ќе придоне кон пошироки општествени промени на многу начини, меѓу кои:

  • Подобрување на економскиот и социјалниот развој на земјата – Охрабрувањето на девојките и младите жени да бидат активни во општеството значи да им се обезбеди еднаков пристап до образование, вработување, здравство и други можности кои ќе ја подобрат нивната благосостојба и продуктивност. Зајакнувањето на девојките и младите жени значи и зголемување на нивниот приход и куповна моќ, што ќе ја зголеми побарувачката за стоки и услугите и ќе го стимулира економскиот раст. Згора на тоа, зајакнувањето на девојките и младите жени ќе води и кон намалување на сиромаштијата и нееднаквоста, бидејќи тие ќе можат да се издржуваат себеси и своите семејства.
  • Промовирање на човековите права и демократијата во земјата – Охрабрувањето на девојките и младите жени да бидат активни во општеството ќе води кон тоа тие да имаат еднакви права и слободи како и мажите, но и да бидат заштитени од дискриминација и насилство. Зајакнувањето на девојките и младите жени значи и зголемување на нивното политичко учество и застапеност, што ќе ја зајакне демократијата и управувањето на државата. Освен тоа, нивното зајакнувањето ќе поттикне култура на почит и толеранција, бидејќи тие ќе можат да ги изразат своите мислења и перспективи, како и да се вклучат во дијалог и соработка со различни засегнати страни, како еднакви.

Подобрување на иновативноста и креативноста во државата – Охрабрувањето на девојките и младите жени да бидат активни во општеството значи да им се обезбедат можности и поддршка да ги следат нивните интереси, таленти и страсти во различни области и сектори. Нивното зајакнување ќе води и кон зголемување на нивниот придонес во науката, технологијата, инженерството, математиката, уметноста, културата итн., што ќе го унапреди целокупното знаење и напредокот на земјата. Покрај тоа, зајакнувањето на девојките и младите жени ќе ги инспирира и мотивира другите девојки и млади жени да ги следат нивните соништа и цели, како и да ги оспорат родовите стереотипи и норми кои го ограничуваат нивниот потенцијал

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни