Само 12% од младите веруваат дека нивниот глас се слуша

Истражување на Младински сојуз – Крушево покажува дека младинското учество во Македонија најчесто останува формалност, без реално влијание врз одлуките и политиките.

Политиката која зборува за младите, но не и со младите

Младите во Македонија со години се дефинирани како „иднината на државата“ – централна целна група во стратегии, реформски документи и изборни програми. Но кога декларативниот јазик ќе се соочи со реалноста, станува јасно дека политиките најчесто зборуваат за младите, без притоа да зборуваат со нив.

Истражувањето на Младински сојуз – Крушево покажува дека само 12% од младите веруваат дека нивниот глас навистина се слуша. Овој податок не упатува на младинска апатија, туку на длабок системски проблем.

„Нашата позиција е дека младинскиот глас не се губи – туку младите се без глас“, вели Билјана Стојческа, програмска координаторка во Младинскиот сојуз – Крушево и авторка на анализата. „Проблемот не е еднослоен, туку е распределен низ институциите, политичката волја и начинот на спроведување на младинските политики.“

Закон има, но гласот останува формален

Формално, Македонија има Закон за младинско учество и младински политики, кој предвидува механизми како локални младински совети, младински центри и стратегии за млади. Но, како што укажува анализата, овие механизми често се нецелосно воспоставени или нефункционални.

„Иако законски треба да постојат младински совети и советодавни тела, тие во пракса често се сведени на формалност – без јасен мандат, ресурси или обврска институциите да ги земат предвид нивните препораки“, посочува Стојческа. „Младите се поканети да слушаат, но не и да одлучуваат.“

Според податоците од мониторингот за 2024 година, локални младински совети постојат во само 28 општини, младински центри управувани од младински организации има во 10 општини, а локални стратегии за млади и акциски планови исто така се усвоени во само 10 општини. Дополнително, во 2025 година, само 16 општини предвиделе буџет за млади во висина на законски утврдениот минимум од 0,1% од вкупниот општински буџет, што јасно укажува дека младинското учество сè уште се третира како опција, а не како обврска.

„Младинското учество често се третира како симболичен гест или проектна активност, наместо како суштински дел од демократското управување. Недостигот од млади луѓе на позиции на одлучување дополнително го продлабочува чувството дека младите се ‘поканети да слушаат’, но не и да одлучуваат. Проблемот е и во начинот на спроведување на младинските политики – нивната имплементација ретко се следи преку јасни индикатори за младинско учество и реално влијание. Како резултат, младите не гледаат конкретни промени што произлегуваат од нивниот ангажман, што неизбежно води кон разочараност и повлекување“, вели Билјана Стојческа.

Кога гласот постои, но нема тежина

Истражувањето дополнително покажува дека 44% од младите се чувствуваат „делумно слушнати“, што укажува дека волја за учество постои, но дека механизмите за влијание сериозно затајуваат. Во исто време, уште 44% сметаат дека нивниот глас воопшто не се слуша.

„Ова не се податоци за апатија, туку за структурен неуспех“, вели Стојческа. „Младите не гледаат конкретни промени што произлегуваат од нивниот ангажман, што логично води кон разочараност и повлекување.“

Иако информации формално постојат, младите ги перципираат како недостапни и тешко разбирливи. Како клучни бариери за учество, тие го издвојуваат недостигот од јасни и разбирливи информации (37,9%), сложените и нетранспарентни процеси (28,6%) и недовербата во институциите (28,4%). Овие податоци укажуваат дека проблемот не е во целосно отсуство на информации, туку во начинот на кој институциите комуницираат – технички, бирократски и без обид да ги направат процесите разбирливи и достапни за младите.

Политиките, како што покажува анализата, се комуницираат технички и бирократски, без обид да се преведат во јазик близок до секојдневието на младите. Недостатокот од интерес (19,3%) не е причина, туку последица на долгогодишно чувство дека учеството не носи реално влијание.

Што е најитниот чекор?

Според Младинскиот сојуз – Крушево, најитниот чекор е младинското учество да стане обврзувачко, а не советодавно по избор.

„Како што постојат обврски за родова еднаквост, така мора да постои и обврска за вклучување млади во телата што носат одлуки“, вели Стојческа. „Особено кога станува збор за процеси како ЕУ интеграциите, економскиот развој или борбата против корупцијата. Младите не смеат да бидат сведени само на образование, спорт и забава.“

Таа додава дека ставот дека младите се „неискусни“ ги турка на маргините и ги прави нивните обиди за учество да звучат „како какофонија“, наместо како легитимен дел од демократскиот процес.

Од изборна тема до заборавена политика

Дополнителен проблем е цикличната видливост на младите во политичкиот процес. Во изборни периоди, младинските прашања нагло добиваат внимание – се ветуваат реформи, можности и „глас за младите“, а младите се претставуваат како клучна целна група. По изборите, интересот брзо опаѓа, приоритетите се пренасочуваат кон други теми, а младите повторно исчезнуваат од процесите на креирање и спроведување политики. Овој модел создава чувство на инструментализација: младите се повикуваат кога е потребен легитимитет, но не и кога е потребна одговорност и споделување на моќта.

Ако не зборуваме со младите, ќе зборуваме без нив

Проблемот со младинското учество не е во недостиг на закони, туку во недостиг на политичка подготвеност да се сподели моќта. Вистинското учество значи вклучување уште во фазата на креирање политики, не само во нивна промоција.

Додека младите се третираат како публика, а не како партнери, политиката ќе продолжи да зборува за нив – без нив. А последиците од тоа нема да ги почувствуваат само младите, туку целото општество.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни