„За успешната реализација на филмот се заслужни сите филмски ентузијасти кои го разбираат моментот на студентски филм и беа достапни во секое време за констултација, помош на сет, работење на филмот, позајмување опрема и сите други неопходни работи за процесот на снимањето. Неизмерна благодарност што ни помогнавте проектот да го реализираме така како што сме замислиле“, тие напишаа јавна благодарност на социјалните мрежи.
Овие млади ентузијасти покажаа дека со љубов и посветеност, може да се создаде нешто квалитетно, без оглед на буџетот и времето.
Поразговаравме со Тина и Диме за нивната работа на „Сенките на месечината“ и откривме многу интересни аспекти од нивниот процес на создавање, инспирациите кои ги воделе и предизвиците со кои се соочувале.
Трн: Како пристапивте кон визуелниот стил на „Сенките на месечината“ и што ве инспирираше при создавањето на кадрите?
Димитар: Визуелниот стил, пред се го градевме заедно со режисерот. Пред околу 7 месеци го добив првиот драфт на сценариото и тогаш разграничивме што сакаме, а што не сакаме со филмот. Изгледавме доста филмови заедно, коментирајќи како би требало да изгледа нашиот филм. Со секое одење на локациски скаут, се инспириравме од ситуациите таму и така се градеа и самите кадри. Покрај тоа, инспирацијата воглавно ја добивав од Европскиот филм, поточно од Полската и Чешката кинематографија.
Трн: Каква беше вашата соработка со режисерот и како ги усогласивте вашите визии за филмот?
Димитар: Со Тина ова ни е четврт заеднички краток филм, каде што работиме како режисер и директор на фотографија, имаме снимено неколку музички спотови и реклами, плус заедно сме работеле на различни проекти каде што сме асистенти, јас на камера, а Тина на режија. Прилично си го имаме научено сензибилитетот еден на друг и се разбираме. Со самото наше разбирање, воопшто не ни беше тешко да си ги пренесиме нашите визии од сценариото и од тоа да произлезе една целина. Секако, без да го сонуваме филмот не почнуваме со снимање. Тоа е една анегдота, дека секој проект што го работиме, сме толку посветени што почнуваме и да го сонуваме.
Трн: Кои беа најголемите технички предизвици со кои се соочивте за време на снимањето и како ги надминавте?
Димитар: Од толку што беше добро снимањето, не ми текнува на прва топка каде имавме предизвици. Ова е прв проект каде што јас имав неколку асистенти, светлаџии и цел сектор камера, прв пат се почуствував како вистински директор на фотографија, каде што треба да мислам само на главните работи, а притоа физички да не работам 100 работи. Се разбира дека имавме предизвици и беше физички и психички тешко, но постарите колеги ни кажаа дека имаме многу убава атмосфера на снимање, а на крај тоа е најважно, екипата да е среќна и заедно да направиме нешто што ќе се памети.
Трн: Кој е вашиот омилен кадар или сцена од филмот и зошто?
Димитар: Не би можел да изберам еден омилен кадар од филмот, имам повеќе омилени. Еве можам да издвојам дека сум прилично задоволен од првиот кадар на филмот, каде што ја поставуваме самата атмосфера која што ќе трае подоцна во целиот филм.
Трн: Како се справивте со осветлувањето и камерата за да ги доловите различните емоции?
Димитар: Преку камерата и осветлувањето сакав да го доловам просторот како лик во приказната кој кажува за системот дополнувајќи ги ликовите и самата приказна. Атмосферата е контрастна со комбинација на темни и светли делови со што ќе се наметне чуство на товарот кој го носи главниот лик.
Трн: Дали можеби имаше некое влијание од некој што го следевте како добар пример?
Димитар: Влијание секако дека имав, како што кажав погоре, освен што се инспирарав од различни филмови, за осветлувањето црпев доста инспирација и од фотографии.
Трн: Што ве инспирираше да го создадете „Сенките на месечината“ како ваш дипломски проект?
Тина: Една приказна која што ми ја раскажуваа кога бев мала, јас ја нареков сенките на месечина и се раскажува во филмот. Голем дел од останатите приказни во филмот се инспирирани од вистински настани.
Трн: Каков е процесот на работа на филмот од почеток до крај? Што научивте од ова искуство?
Тина: Возбудливо и напорно, но не би го сменила за ништо на светот. Она што досега го сфатив е дека секој нов филм ти носи исти фази на подготовки, често работиш со исти луѓе во екипата, постојат истите проблеми, но и покрај сите тие исти работи, секој процес е различен и убав на свој начин.
Трн: Што сакате публиката да почувствува или размисли по гледањето на „Сенките на месечината“?
Тина: Да почувствува емпатија и да се потсети дека не е сe толку црно, дека во секое зло има добро.
Трн: Кои филмови или режисери имаат најголемо влијание врз вашиот стил и пристап кон режијата?
Тина: Не знам да кажам конкретно, но се трудам да ги превземам најдобрите работи од сите поискусни македонски режисери со коишто имам можност да работам.
Трн: Како се справивте со ограничувањата на буџетот и времето при создавањето на краткиот филм?
Тина: Со оглед на тоа дека станува збор за дипломски филм на студенти од ФДУ, ограничувањата на буџетот не ни претставуваше кочница на патот до реализација на филмот. Напротив, за мене беше и мотив затоа што луѓето кои што беа дојдени да работат и да ни помогнат за време на снимањето се луѓе кои имаат љубов кон филмот и го сакаат тоа што го работат.
Трн: Дали има некоја специфична сцена од филмот која сте особено горда и зошто?
Тина: Сцената во која се раскажува приказната за сенките на месечината, затоа што изгледа така како што си ја замислив кога го пишував сценариото.
Трн: Кои се најголемите лекции што ги научивте за време на студиите на Факултетот за драмски уметности и како тие влијаеја на создавањето на „Сенките на месечината“?
Тина: Првата и најважната работа е дека мора да го сакаш тоа што го учиш/работиш. А втората е дека на сет мора да има воена дисциплина и забава балансирано, затоа што ако преовладува едното или другото, најверојатно нема да сме на добар пат 🙂