Во свет каде што староста често се премолчува, а институционалното живеење останува невидено, краткиот филм „Езерото“ на млада авторка од ФДУ се наметнува како суптилна, но длабоко човечка приказна. Режисерката Софија Христовска со филмот ги отвора прашањата за личната слобода, губењето на автономијата и човечноста во системи што се создадени за грижа, но честопати ги гушат индивидуалноста и спонтаноста.
Создаден како проект на екипа млади филмаџии „Езерото“ не делува како вежба, туку како зрел глас што зборува во име на многумина. На визуелно ниво, фотографијата на Димитар Атанасоски ја доловува тензијата меѓу внатрешниот свет на ликот и надворешните ограничувања со прецизност и поетичност. Филмот не се потпира на спектакл, туку на нијанси на кадри кои кажуваат повеќе од дијалог.
Филмот „Езерото“ на режисерката Софија Христовска навлегува длабоко во темата на староста и слободата на духот, преку ликот на еден осумдесетгодишен човек кој, иако физички стар, „е всушност затворен во душа на дете“ и продолжува да живее според свои правила.





Кога е пренесен во старечки дом, се судрува со реалност што му е странска – институција со ригидни правила и ограничувања.
„Доживува ситуации коишто се сè спротивно од неговиот претходен живот“, вели Софија, создавајќи емотивна приказна со визуелна тишина што зборува гласно.
Инспирацијата за филмот, според Софија, произлегува од вистински настани и лични набљудувања: „Темата ми беше избор поради некои вистински настани“, објаснува таа. „Сето тоа беше склопено во едно – мои обзервации, доживеани или раскажани ситуации.“ Таа ја гледа улогата на режисерот како интегративна
„Најголемата улога е да го визуализира она што е напишано“, со блиска соработка со секој креативен сектор во продукцијата, од актерите до сценографијата: „Со актерите кога почнав да работам, ми го оживеаја карактерот што го имав замислено.“

Димитар Атанасоски, директор на фотографија, ја гледа својата улога како продолжена рака на режисерот: „Десната рака на режисерот… заедно создаваат стил.“ Но таа улога надминува ракување со камерата. „Визијата на режисерот ја реализира… од самиот почеток учествува во локации, атмосфера, боја на светло,“ вели Димитар. Секој кадар што го поставува е внимателно избран за да биде носител на атмосфера: „Некогаш нема многу зборување, ама нешто сепак има – тоа е фотографијата што ја креираме.“
За него, добар кадар секогаш мора да биде „драматуршки поддржан во приказната“. Тој не сака „уметност без драматургија“, туку фотографија што ја засилува наративната линија на филмот. Со страст зборува и за љубовта кон работата: „Сум заљубен во професијата и никогаш не би сменил професија.“ Иако секој проект носи нова енергија и предизвици, на крај секогаш има радост: „Секој филм ме прави да бидам подобар човек и подобар директор на фотографија.“
Фотографиите се на Ана Павловска и Наташа Величковска