Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за апсење на врховниот лидер на Талибаните и претседателот на Врховниот суд на Авганистан, кои го ограничиле образованието на девојчињата и забраниле јавен говор на жените.
МКС ги обвинува лидерите дека „наредувале, поттикнувале или барале” извршување на злосторства против човештвото, преку прогон поради пол, откако Талибаните ја презедоа власта во 2021 година.
Имено, се работи за врховниот лидер на Талибаните, Хибатуллах Ахунзада, и претседателот на Врховниот суд на Авганистан, Абдул Хаким Хакани.
Покрај прогонувањето на жени и девојчиња, МКС исто така ги обвинува лидерите за таргетирање на „други лица… затоа што одредени изрази на сексуалност и/или родов идентитет биле сметани како неусогласени со политиката на Талибанците за родот.”
Исто така се додава дека биле прогонувани и лица “перцепирани како сојузници на девојчињата и жените”, врз основа на политички причини.
Од август 2021 година, Талибанците драстично ги ограничиле правата на девојчињата и жените, вклучувајќи го правото на образование, приватност, семеен живот и слободи како што се движење, изразување, мисла, совест и религија — преку едикти и уредби.
Ограничувањата вклучуваат т.н. закони за морал, според кои жените мора да носат покривки за лице и не смеат да излегуваат од дома или да патуваат без машки „старател“.
Според Амнести Интернешнл, се забележува пораст на детски бракови и случаи на произволно притворање на жени кои бегале од злоупотреба.
Во март 2024 година, лидерот на Талибанците, Ахунзада, најави дека властите повторно ќе воведат јавно каменување на жени до смрт.
Талибанците, исто така, им забранија на девојчињата пристап до средно образование и на жените работа во најголемиот дел од јавниот сектор.
И мажи и момчиња биле цел на родово мотивирани прекршувања, вклучително и тепање или притворање поради кршење на правила за „неисламска“ облека или фризура, според проектот Afghan Witness на Центарот за информативна отпорност.