LIVEUROPE концерт во МКЦ: IDEM, Убиј Дедо! и Izleti на иста бина на 20 февруари

Првиот LIVEUROPE концерт за 2026 година носи три регионални бендови во МКЦ – IDEM од Загреб, Убиј Дедо! од Македонија и Izleti од Белград, на 20 февруари.

Првиот LIVEUROPE концерт за 2026 година ќе се одржи на 20 февруари во Младинскиот културен центар (МКЦ) – Скопје. На истата бина ќе настапат три регионални бендови од новата алтернативна сцена: IDEM од Хрватска, Убиј Дедо! од Македонија и Izleti од Србија.

Главна ѕвезда на вечерта е IDEM од Загреб – соло-проектот на Антун Алекса (Porto Morto, JeboTon Ensambl, Trophy Jump), кој овојпат ќе настапи со комплетен бенд. Со двата албума „poyy“ и „CIAO“, бројни распродадени концерти низ регионот и освоени награди, меѓу кои Porin за нов изведувач на годината и дури шест Rock&Off награди, IDEM важи за едно од најзначајните нови имиња на екс-ју сцената.

Македонската публика ќе има можност да го проследи и првиот концерт во живо на Убиј Дедо!, чучерсандевски панк-бенд со суров и бучен звук, наменет за „немирни уши“ и со јасна порака за соочување со отровите од минатото.

Вечерта ќе ја заокружи и Izleti, младо и енергично пост-панк дуо од Белград, кое носи модерен звук со изразени денс и гаражни влијанија – совршено загревање за публиката.

Концертот започнува во 20:00 часот, а вратите на МКЦ ќе бидат отворени од истото време.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни