Култниот македонски бенд „Мизар“ на 3 април ќе одржи ексклузивен „Best Of“ концерт во Македонската филхармонија, настан кој ги обединува децениската историја, култниот статус и музичкото наследство на една од највлијателните групи на домашната алтернативна сцена.
Под мотото „Најдоброто од Македонија“, бендот ќе изведе селекција од своите најзначајни песни од различни творечки фази, а на сцената ќе им се придружат и специјални гости, музичари кои низ 45-годишната историја биле дел од нивниот звук и приказна. Настанот доаѓа во период кога „Мизар“ повторно е актуелен и со новиот сингл „Вардар е Стикс“, најавувајќи вечер што не е само концерт, туку и ретроспектива на еден музички феномен. Пред концертот на една од пробите разговаравме со Горазд Чаповски.

Трн: По 45 години постоење, што за вас значи „best of“, дали е тоа избор на песни или избор на идентитет?
Горазд: Концертор насловен “Веst off”е сублимат на она што Мизар го работел од своите почетоци па се до денес. Изборот на песните кои се од сите Откровенија на Мизар треба да го манифестира не само звучниот,туку и културолошкиот идентитет на бендот.
Трн: Мизар отсекогаш бил повеќе од музика. Колку денес публиката сè уште ја чита таа филозофија зад звукот?
Горазд: Суштината на секоја вистинска уметност е да ја пренесе пораката на авторот.Никогаш не сум калкулирал само за да се додворувам на публиката,која знае да препознае,”Фејк”.Кога имате искрен пристап,немате проблем дека ќе бидете погрешно протолкувани.





Трн: Концерт во Македонска филхармонија носи поинаква тежина. Што менува просторот во начинот на кој ќе ги доживееме песните?
Горазд: Треба да напоменам дека ова не е прво концертно искуство на Мизар во Филхармонија. Пред две години свиревме со џез колективот “Светлост”во аранжманско поинакво издание од она по кој е препознатлив бендот,пред се како Рок бенд. Иако Филхармонија не е најпосакуваниот простор за нас,се надевам дека ќе ги оправдаме очекувањата на нашата верна публика. Морам да кажам дека е огромен срам што Скопје нема речиси никакви концертни капацитети.
Трн: „Вардар е Стикс“ звучи како силна симболика. Што е денес реката што ја преминуваме како општество?
Горазд: Нашето општество наликува на “Твин Пикс”, навидум нормално,а суштински длабоко девијантно и первертирано.Ако продолжиме да живееме без визија и јасна општествена стратегија и одговорност,неминовно ни претстои поплава.