Во последната епизода на „Што го врти светот?“ Јована разговараше Сања Митровска од Нетворкер. Сопственичка на компанија која им помага на стартапите да ја развијат својата идеја до бизнис кој може да го презентираат пред инвеститори. Преку нејзините програми македонски стартапи стигнале до инвестиции од 2.5 милиони евра. Ова е многу ако се земе предвид фактот дека најчесто се работи за компании во најраната фаза од развојот. Сепак, бројот на жени во портфолиото на компанијата е многу помал, само 15%. Според, Сања ова треба да се менува бидејќи токму нивните компании се со голема стапка на успех.
- Потребни ни се повеќе примери за жени кои основале компании. Тие ќе поттикнат и повеќе слични на нив. Веќе сме водечки во бројот жени програмерки во регионот, неизбежно е дека дел од нив ќе одлучат да отворат свои иновативни бизниси. Секогаш е тешко да го пробиеш патот. Општеството уште во раната младост ги учи погрешно девојките. Тие треба да бидат оние кои чекаат некој да им пријде, додека кај машките е различно. Момчињата ги учиме тие да го направат првиот чекор. Да се обидат, знаејќи дека може ќе бидат одбиени. И доколку некој ги одбие, не е страшно и одат понатаму. Тоа се пресликува во претприемништвото. Бизнисите почнати од жени или водени од жени се најчесто успешни во нашето искуство. Но, тоа е затоа што тие секогаш се трудат да имаат совршен бизнис модел, често нешто кое веќе е тестирано. Додека мажите, грешат, си дозволуваат да згрешат и преку тој процес да научат. Го имаат оној елемент на „ако не е ова, ќе биде нешто друго“. Треба да ги храбриме девојките, затоа што имаат многу што да понудат. – вели Сања.
Целосната дискусија на темата можете да го слушнете во најновата епизода на „Што го врти светот“ со Сања од Нетворкер
Јована и Сања зборуваат за потребата од повеќе жени претприемачки, но и за тоа дека општеството често ги ограничува девојчињата и жените од најрана возраст. Особено со притисокот дека мораат да бидат совршени, добри на сите полиња. Трудејќи се да ги да ги задоволат сите очекувања кои општеството ги има од нив, често ги занемаруваат своите амбиции и им се намалува храброста.
Сите епизоди на „Што го врти светот“ можете да ги погледнете и слушнете на YouTube Spotify каналите на поткастот.