Mitra.mk го прославува својот петти роденден со музичкиот фестивал Mitrafest 5, посветен на Мирко Попов. Музичката прослава ќе започне на 15-ти октомври, на денот на неговиот роденден.
„Во негова чест, неговите најблиски, другари и дј-и ќе создадат миксови кои ќе го слават неговото наследство. Овие 5 години беа исполнети со постојан раст, иновации и силна посветеност кон клиентите без чија помош ова патување не би било возможно, велат од Mitra.mk.
Мирко Попов е македонски автор и продуцент на електронска музика. Роден е на 15 октомври 1972 во Скопје, а почина на 24 март 2024. Првиот професионален диџеј ангажман го добил во 1992 година и оттогаш не престанал со настапи. Истата година добил простор во култното скопско музичко радио Канал 103, што е еден од клучните моменти во неговиот равој како личност и музичар. Од 2008 до 2010 година бил и главен и одговорен урeдник на Канал 103. Во 1995 година Мирко Попов и Александар Малевски ја формирале Прогресивната мултимедијална група (ПМГ колектив), која во следните години прераснала во водечка авангардна сила на скопските улици. Журките на ПМГ од 1990-те биле суштината на скопскиот урбан фолклор од тоа време, а Мирко Попов како диџеј, имал можност редовно да настапува низ регионот, но и низ Европа. Во 1998 година ја формирал дискографската куќа ПМГ рекордингс, која денес е водечка независна дискографска куќа во земјата, со седумдесеттина изданија. Последните години на минатиот век ги донеле и првите (хаус,техно и електро) продукции, а во 2003 година сето тоа прераснало во бендот ПМГ колектив (еклектична комбинација на жив и електорнски пристап во слободен стил) каде Мирко Попов бил автор на музика, текстови и вокалист. Бендот за кратко време прераснал во еден од водечките домашни бендови од првата деценија на новиот век, со повеќе издадени албуми, како и македонски и европски турнеи. Од 2020 година продуцирал, издавал и настапувал и како соло артист под името Мирко Попов Квартет. Остварил повеќе улоги во театарски претстави, како и на филм. Негови се неколку музики за театар и филм, а режирал и радио драма. Tој e сценарист и продуцент на документарниот филм „103 – Љубовно писмо до алтернативната култура” и комплетен автор е на музичкиот филм „До небото замок”. Продуцент, сценарист и автор е на повеќе од 50 музички видеа. Автор е на книгата „20 години те сакам * Монографија за ПМГ колектив”. Автор е на книгата за деца „Розевата планета” издадена за Чудна шума на македонски и албански јазик. Како музички новинар пишувал текстови во Трн, Реборн, Урбан Магазин, Тротоар, Скопско Метро и други. Објавувал своја проза, поезија и стрипови во Маргина, Лифт, Скопско Метро, и др.Заедно со музичарот Владан Дробицки, идеен творец бил на џез фестивалот „Крај Вардарот џез“, а бил и иницијатор и уредник на неговиот музички проект, платформата „Силата ЕУ младите“