Митови за нега на коса: Не, шампонот не ја „поправа“ оштетената коса

Сите сакаме коса што изгледа здраво и негувано – без разлика дали станува збор за блескави бранови, виткани локни или мазни прамени.


Но, во индустрија вредна милијарди, преполна со трендови, совети, често се губи вистинската слика за тоа што навистина и треба на косата.

Според трихолозите Ева Праудман од „UK Hair Consultants“ и Трејси Вокер од „Hair and Scalp Clinic“, здравата коса не зависи од скапи препарати или комплицирани рутини, туку од правилна и едноставна нега. Тие ги разоткриваат четирите најчести митови поврзани со косата.

1. Студената вода не ја прави косата посјајна

Ако сте трпеле ледено туширање со надеж дека ќе добиете повеќе сјај – можете да престанете. Праудман објаснува дека студената вода нема никаков ефект врз изгледот на косата.
„Многу поважно е како ја заштитувате косата од хемикалии, топлина и загадување“, вели таа. Сепак, предупредува дека премногу топла вода може да ја дехидрира косата и да го иритира скалпот.

2. Ниту еден производ не може да ја „поправи“ оштетената коса

Според експертите, нема магичен производ што може да ги „завари“ расцепените врвови – единственото решение е шишање.
„Расцепениот врв е како распукнати најлонски хулахопки – не може да се поправи,“ објаснува Праудман.
Вокер додава дека некои препарати делуваат како привремено лепило, но тоа е само визуелен ефект.
Исто така, Праудман ги отфрла тврдењата дека шишањето ја забрзува растежот на косата: „Никој производ не може реално да ја натера косата да расте побрзо.“

3. Косата не може да се „самоисчисти“

Иако некои веруваат дека можат да ја „научат“ својата коса да се самочисти, експертите категорично го отфрлаат тоа.
„Скалпот има околу 180.000 лојни жлезди кои собираат нечистотии и прашина ако не се мијат редовно“, вели Праудман.
Вокер додава дека, исто како облеката, и косата не може да се исчисти само со вода – потребен е шампон.
Редовното немиење може да предизвика непријатен мирис и појава на првут поради наталожени масла и бактерии. Праудман препорачува миење секој втор ден, особено за оние со мрсна коса или кои користат многу производи.

4. Сувиот шампон не е замена за вистинско миење

Иако сувиот шампон е практичен за брзо освежување на косата, експертите предупредуваат дека не смее да се користи повеќе од еднаш меѓу две миења.
„Кога природните масла се впиваат во сувиот шампон, може да се создаде наслага што предизвикува чешање и првут,“ објаснува Праудман.
Нејзиниот совет е јасен: грижете се за скалпот како за кожата на лицето – не би нанесувале шминка врз нечисто лице, нели?

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни