Првата епизода на овој поткаст е посветена на митот дека Љубљана е „затворен град“ и идеите дека Скопје треба да се угледа на словенечката метропола и да се затвори за дојденци. Овој мит постоел и претходно, но постои и денес, повторуван во официјални и неофицијални кругови.
Но вистината е далеку од тоа – Љубљана никогаш не била затворена, а и Скопје никогаш во својата историја не стоел пред таква одлука. Дали затворени градови некаде и некогаш постоеле? Дали во денешно време еден град може да се затвори за нови жители? Постои ли „градска ксенофобија“ насочена кон дојденците во градот и дали е својствена само за Скопје?
Во првата 30-минутна епизода поткастот се трага по изворот на овој мит, преку медиумските објави за оваа тема, како и разговори со негови локални поддржувачи, професори, како и љубљански туристички водичи. Соговорници во оваа епизода на поткастот се Горан Јанев – професор на ИСППИ, Јури Барон – љубљански експат, туристички водич и автор на “Љубљана во твојот џеб”, како и Емил Лазаревски од некогашниот институт Политеа.
Поткастот се реализира со поддршка на Бирото за образование и култура на Стејт департмент на САД заедно со Меридиан Центар како имплементирачки партнер, а се снима во Институтот за медиуми и аналитика ИМА.
Првата епизода од поткастот може да се преслуша на: Soundcloud, Spotify и на Youtube.