Митот за посакуваните 10.000 чекори дневно: Еве што всушност науката препорачува 

Идејата да се постигне целта од 10.000 чекори дневно стана симбол на здравиот живот. Сепак, едно ново истражување покажува дека оваа бројка можеби не е толку научно заснована како што се верува. Наместо строго да се следи правилото од 10.000 чекори, поважно е да се гледа поголемата слика за физичката активност, долговечноста и целокупното здравје, велат експертите. 

Од каде доаѓаат 10.000 чекори? 

Концептот од 10.000 чекори, потекнува од шеесеттите години на минатиот век, кога една јапонска компанија лансирала педометар, т.е. бројач за чекори наречен „10.000 step meter“. Името е инспирирано од јапонскиот лик за „10.000“, кој наликува на човек што оди. Овој маркетинг потег се врежа во главите на луѓето ширум светот, особено откако во 1990 година ја доби поддршката од американскиот хирург Чарлс Еверет Куп. Иако целта од 10.000 чекори е лесно да се запомни, нема научна потврда дека оваа бројка е корисна за здравјето.

Промени во препораките 

Според новите препораки од Министерството за здравство на САД од 2018 година, возрасните треба да имаат 150 до 300 минути физичка активност со умерен интензитет или 75 до 150 минути физичка активност со силен интензитет неделно. Оваа препорака е резултат на анализа на многу студии, но ниту една не поврзала одреден број чекори со подобро здравје. Истражувањата покажаа дека пешачењето помеѓу 8.000 и 10.000 чекори дневно носи најголеми здравствени придобивки за лицата помлади од 60 години, додека 6.000 до 8.000 чекори се доволни за постарите (од 60 години) за слични резултати. Постарите луѓе, поради нивната различна потрошувачка на енергија, немаат потреба да одат на долги растојанија за да имаат благотворни ефекти. 

Важноста на приспособената активност 

Епидемиологот Аманда Палак од Универзитетот во Масачусетс истакнува дека е поважно физичката активност да ја прилагодите на вашите можности и цели. Нејзиното истражување покажува дека најголемо подобрување на здравјето се случува кај оние кои се најмалку активни, а дури и мало зголемување на бројот на чекори може да има значителен придонес за здравјето. 

Интересно е што вкупниот број на чекори е поважен од брзината со која се прават – не е потребно да трчате или да одите со брзо темпо за да постигнете позитивен ефект. Важно е да се движите редовно и да се трудите да бидете активни секој ден. 

Повеќе од само бројка 

Како што напредуваат научните истражувања, фокусот се повеќе се префрла од едноставно броење чекори кон разбирање како физичката активност може да спречи хронични болести како дијабетес и да помогне во контролата на тежината и крвниот притисок. Конечно, иако целта од 10.000 чекори стана популарна, таа не е од суштинско значење, а особено не за секого.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни