Митот за совршената личност: љубовта што ни ја продадоа филмовите, а ја загубивме ние

Постојат митови што нè тешат, и постојат митови што нè осакатуваат. Митот дека љубовта треба да биде полесна отколку што е – припаѓа на вторите.

Постојат лаги што ги забораваме брзо, и постојат лаги што стануваат културни митови. Најупорната меѓу нив е онаа дека некаде таму постои „совршена личност“ – предодредена, беспрекорна и мистично усогласена со секоја наша потреба. Современата култура не ја создаде само како романтична измислица, туку како норма, како мерка на која треба да ѝ се покоротиме.

Филмовите, сериите и поп-културата ја претворија љубовта во готов производ: момент што треба да се случи, не однос што треба да го изградиш. Така љубовта престана да биде човечки процес и стана естетска претстава — свет во кој хемијата победи над трудот, судбината над одлуката, а чувството над одговорноста.

Таквиот мит ја пресели љубовта во некој магичен простор каде врските се лесни, партнерите се идеални, а конфликтите служат за драмска музика, не за вистинско справување. И долго време верувавме во тоа, затоа што филмовите ни ја продаваа љубовта како судбина, а не како одлука. Врските денес не се распаѓаат од недостаток на љубов, туку од вишок на фантазии — затоа што ја бараме љубовта во свет што не постои.

„La La Land“ ни покажа дека љубовта може да биде величествена, но не мора да води до заеднички живот. „500 Days of Summer“ ни откри дека најголемите разочарувања се раѓаат од сопствените фантазии. А „Her“ отиде чекор подалеку – создаде љубов толку удобна и безболна, што ја отстрани сложеноста на човечкото суштество.

Но реалноста не е филм.

Многу млади луѓе денес не влегуваат во врска со човек, туку со проекција. А секоја проекција е потенцијално разочарување.

Партнерот станува „проект“ што треба да се обликува според нашата фантазија – идеална верзија на личност која постои само во нашата глава. Проекцијата ни создава чувство дека љубовта е контролирана, управлива, предвидлива. Таа ја заменува човечноста со идеал, а идеалот секогаш е кршлив.

Ниту еден човек не може да ја издржи тежината на туѓиот идеал – идеал што секој ден е хранет со нереални споредби, со културни очекувања, со филмски сцени што никогаш не биле дел од нашата реалност.

Туѓиот идеал создава паралелни реалности. Едниот мисли дека дава доволно, другиот мисли дека добива премалку. Едниот чека потврда, другиот се гуши од нејзиното барање. Едниот бара блискост, другиот бара простор.

Вистината е едноставна но често неприфатлива: недефинираните очекувања ја уништуваат врската. Не затоа што луѓето се погрешни еден за друг, туку затоа што никаде не се сретнале – секој останал заробен во својата вистина.

Љубовта бара повеќе од идеал – бара труд. Бара време. Бара компромис. Бара промена. Бара присуство. Бара самокритичност. Бара зрелост. И најважно – бара одлука.

Во врските нема 50-50. Тоа е романтизирана формула што убаво звучи, но не постои во живиот свет.

Вистинските врски се динамични – еден партнер понекогаш носи повеќе, друг понекогаш помалку. Еден период ние сме силните, следниот сме кревките. Важна е не математиката, туку взаемноста. Важна е способноста двајцата да се појават, дури и кога не им е удобно.

Но денешното време создава луѓе што се бргу повредливи и бргу подготвени да се откажат.

Причината? Вечната виктимизација што го претвора партнерот во должник. Кога едниот се чувствува „оштетен“, другата личност автоматски станува виновник.

Но врската не е судски спор – таа е заедништво што се гради во две насоки.

Компромисот мора да доаѓа од двете страни, а не еднонасочно и не условно.

Врските не се кршат затоа што луѓето не се сакаат – туку затоа што не знаат да се гледаат.

Она што филмовите никогаш не го покажуваа е вистинската тежина на феноменот дека луѓето започнуваат од различни точки: различни економски позиции, различни семејни модели, различни емотивни трауми, различни перцепции за љубовта. И овој феномен не само што посотои, туку и обликува.

Секој носи историја што го обликува неговиот капацитет за љубов.

И кога двајца не го признаваат тоа, брзо преминуваат од љубов во недоразбирање, од недоразбирање во замерка, од замерка во откажување.

Причината зошто денешните врски не го издржуваат тестот на секојдневието не е во недостатокот на љубов – туку во недостатокот на умешност да ја носиме љубовта.

И во тоа што модерниот човек, опкружен со идеали, заборава дека љубовта не е спектакл, не е драмска сцена, не е филмска реплика.

Љубовта е секојдневие. Несовршено, неинтересно, понекогаш тешко – но реално.

И токму во таа реалност се крие нејзината сила.

А можеби најголемата лекција е оваа:

Не постои „совршена личност“.

Постојат две несовршени личности што одлучуваат да се борат за истата врска.

Да останат.

Да се променат.

Да комуницираат.

Да се гледаат.

Да се разберат.

Да љубат и кога животот не е филмски.

Тоа е љубов.

Сè друго е монтажа.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни