Организаторите на меѓународната иницијатива „Глобална флота за Сумуд“, која има за цел да ја пробие израелската поморска блокада на Газа, тврдат дека водечкиот брод на конвојот бил погоден од дрон во пристаништето Сиди Бу Саид во Тунис – само неколку дена пред планираното испловување.
Според нив, станува збор за бродот „Фемили“, на кој требаше да се наоѓа и климатската активистка Грета Тунберг, заедно со останатите учесници. Во моментот на инцидентот, на бродот биле членови на управниот одбор на флотилата, но за среќа, нема повредени. На социјалните мрежи веќе се појавија снимки и фотографии од оштетувањата на бродот, предизвикувајќи лавина реакции.
Многумина на интернет веднаш го означија инцидентот како израелски напад со дрон, со ознаки како #FreePalestine и #GazaFlotilla. Некои објави тврдат дека снимките покажуваат момент на ударот.
Сепак, туниските власти ја отфрлаат таа верзија. Националната гарда на Тунис објави дека во областа не е забележано присуство на дронови, ниту активност што би укажала на напад. Првичните истраги покажуваат дека пожарот најверојатно избувнал во складиштето со спасувачки елеци, можеби поради човечка грешка или несреќа, а не поради напад однадвор.
Некои извештаи на социјалните мрежи дури тврдат дека член на екипажот запалил пиротехника, која предизвикала пожар – а потоа тоа било лажно претставено како „напад со дрон“.
На самото место се наоѓа и специјалната известувачка на Обединетите нации за човекови права во палестинските територии – Франческа Албанезе, која заедно со локалните власти и организаторите се обидува да ги утврди точните околности.
Испловувањето на „Магреб сумуд флотилата“ од Тунис веќе неколку пати беше одложено – прво поради лоши временски услови, а потоа поради „технички и логистички проблеми“, како што велат организаторите. Новиот термин за тргнување е закажан за среда, 10 септември, кога оваа група треба да им се приклучи на бродовите од Шпанија и Италија, како дел од поширока иницијатива.