Мировните преговори меѓу Пакистан и Авганистан не успеаја, примирјето е сè уште на сила

Порано овој месец, пакистанската војска соопшти дека извршила воздушен напад врз скривалиштата на пакистанските талибанци во Авганистан

Мировните преговори меѓу Пакистан и Авганистан во Истанбул завршија без договор, но примирјето останува на сила додека двете земји се обвинуваат меѓусебно за неуспехот на преговорите.

Портпаролот на авганистанската влада, Забиула Муџахид, денес објави дека состанокот е завршен и дека „преговорите се во застој“ бидејќи „барањата на Пакистан се неразумни“ и дека затоа нема продолжување на преговорите.

Тој рече дека Авганистан „не сака несигурност во регионот“ и дека влегувањето во војна не е „прв избор“, туку дека Авганистан „има право да се брани“ доколку избувне војна.

Пакистанскиот министер за одбрана, Хаваџа Асиф, објави дека „разговорите се завршени“ и дека „нема план за идни состаноци“.

Тој рече дека авганистанската делегација дошла на преговорите „без никаков план“ и одбила да го потпише договорот, давајќи само усни гаранции.

„Тие рекоа дека ќе го почитуваат усниот договор, но нема простор за тоа. Нема план ниту надеж за каква било четврта рунда преговори. Преговорите влегоа во неопределена пауза“, рече Асиф.

Тој додаде дека прекинот на огнот ќе остане на сила сè додека „авганистанската страна не го прекрши“.

Пропаѓањето на разговорите се случи еден ден откако авганистанските власти објавија дека четворица цивили се убиени, а петмина се ранети во прекугранични пакистански напади додека разговорите биле во тек.

Тензиите се зголемија во последните недели, бидејќи граничните борби во кои загинаа десетици војници и цивили.

Конфликтот избувна по експлозиите во Кабул на 9 октомври, за кои авганистанската талибанска влада рече дека се резултат на пакистански напад со беспилотни летала, и најави одмазда.

Порано овој месец, пакистанската војска соопшти дека извршила воздушен напад врз скривалиштата на пакистанските талибанци во Авганистан, при што загинале десетици луѓе што ги нарекла бунтовници.

Авганистанските власти го негираа тврдењето. Тие рекоа дека меѓу загинатите има цивили и дека авганистанските сили одговорија со напад врз позиции на пакистанската војска, при што загинаа 58 војници.

Пакистанската армија објави дека во борбите изгубила 23 војници.

Борбите стивнаа откако Катар посредуваше за прекин на огнот на 19 октомври, и тој договор останува на сила.

Следеа шестдневни преговори во Истанбул, при што беше постигнат договор за продолжување на примирјето и нови преговори на 6 и 7 ноември.

Трета рунда преговори

Дводневните разговори во Истанбул, посредувани од Турција и Катар, беа третата рунда мировни преговори и се сметаат за еден од најзначајните дипломатски напори на двата соседа откако Талибанците ја презедоа власта во Авганистан во 2021 година.

Пакистан постојано ги обвинува авганистанските власти дека им даваат засолниште на вооружената група Техрики Талибан Пакистан (ТТП), која е одговорна за порастот на нападите во Пакистан од 2021 година.

Таа е прогласена за терористичка организација од САД и Обединетите нации.

Официјален Кабул ги негира обвинувањата, велејќи дека не дозволува неговата територија да се користи против други земји.

Портпаролот на владата на Талибанците, Муџахид, претходно изјави дека Авганистан „нема да дозволи никому да ја користи неговата територија против друга земја, ниту пак ќе дозволи дејствија што го поткопуваат неговиот суверенитет или безбедност“.

Тој ги отфрли обвинувањата дека Авганистан е одговорен за постапките на ТТП, велејќи дека групата е формирана долго пред Талибанците да ја преземат власта.

Иако е одвоена од авганистанските талибанци, ТТП е тесно поврзана со нив.

Пакистан ги затвори сите гранични премини со Авганистан на 12 октомври, но минатата недела делумно го отвори главниот премин Торхам за да им овозможи на авганистанските бегалци да се вратат дома.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни