Мировни преговори меѓу претседателите на ДР Конго и Руанда

Конго и Руанда ја потврдија својата заложба за итен прекин на огнот, но во заедничката изјава не е прецизирано како ќе се спроведе тоа.

Претседателот на ДР Конго, Феликс Цисекеди, вчера во Катар се состана со неговиот колега од Руанда, Пол Кагаме, за да разговораат за бунтот во источна Демократска Република Конго, регион богат со минерали.

Состанокот, кој беше со посредство на Катар, е прв од овој вид откако ескалираше конфликтот на истокот на ДРК и откако во јануари бунтовниците М23, поддржани од Руанда, зазедоа два големи града.


И ДР Конго и Руанда ја потврдија својата посветеност на итен и безусловен прекин на огнот. Сепак, во заедничкото соопштение не е прецизирано како ќе се спроведува или како ќе надгледува прекинот на огнот.

Двете нации и претходно имаа обид да се разговараат за прекин на конфликтот. Но безуспешно. Состанокот планиран во декември, неочекувано беше откажан откако Руанда го услови потпишувањето на договорот со директен дијалог меѓу бунтовниците и ДРК, предлог којшто го одби Конго.

Вчерашните разговори доаѓаат во исто време кога владата на ДР Конго во Ангола требаше да се сретне со лидерите на М23 и да преговора за прекин на огнот. Меѓутоа, бунтовниците неочекувано се повлекоа откако Европската Унија пред 2 дена воведе санкции за бунтовничките водачи.

Според портпаролот на групата Лоренс Кањука, разговорите, кои требало да се одржат во Луанда, Ангола, станале „неизводливи“. Дополнително, додал Кањука, тековните воени операции на армијата на Конго во регионот погоден од конфликтот ја поткопуваат можноста за мировни дискусии.

„Следствено, нашата организација повеќе не може да продолжи да учествува во дискусиите“, рекол тој.

М23 е една од речиси 100-те вооружени групи кои дејствуваат во источниот дел на ДР Конго. Тековниот конфликт резултираше со една од најтешките хуманитарни кризи во светот, со раселени повеќе од 7 милиони луѓе.

Инаку, ЕУ воведе санкции за пет државјани на Руанда, вклучувајќи го и командантот на специјалните сили на Руанда распоредени во источниот дел на ДР Конго, а санкционираше и четворица државјани на Конго, вклучително и политичкиот водач на М23 Бертранд Бисимва и тројца високи бунтовнички команданти.

На црната листа исто така, беше рафинеријата за злато Гасабо во Руанда, при што ЕУ ја обвини за олеснување на „нелегалното извлекување и трговија со природни ресурси“ од источен ДР Конго.

Златото и другите стратешки минерали од регионот се клучни компоненти во производството на паметни телефони и компјутери. Минатата година, ОН објавија дека М23 генерирал околу 300.000 американски долари (275.000 евра) месечно од контролата врз рударската област во источниот дел на ДР Конго.

Истовремено, во услови на зголемен меѓународен притисок, Руанда во понеделникот ги прекина дипломатските врски со Белгија, наредувајќи им на сите белгиски дипломати да ја напуштат земјата. Овој потег доаѓа еден месец откако Брисел ја суспендираше помошта за развој на Руанда. Претседателот на Руанда Пол Кагаме ја обвини Белгија дека се обидува да ја уништи неговата земја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни