Интервју со хрватскиот автор Мирослав Кирин: Ако пишуваме за да му се допаднеме на некому, тоа не е вистинито

Поезијата за мене не е нешто пресметливо. Ако пишуваме за да му се допадне тоа на некој, на критиката, публиката – тогаш тоа не е вистинито. Тие зборови не се вистинити. Ќе бидат ако произлезат од една долга работа, набљудување, читање и се појавува кога нешто во стварноста ја провоцира да се појави во текстот. Нема песна која останува иста како првиот пат кога ќе се појави, постојат само некои исклучоци кога не сум имал потреба нешто да променам. Но, сепак мора да се надоградува и менува, иако таа мора да ја задржува својата почетна идеја која не смее да се изневери. Тоа е таа вистина, без разлика за што и да зборуваме.

Мирослав Кирин е хрватски поет и прозаист со единаесет објавени книги кои ги имаат добиено некои од најзначајните книжевни награди во Хрватска. Неодамна ја доби наградата ,,Горанов венец” за целокупното негово творештво, а беше гостин на „Поетска ноќ во Велестово“ каде беше промовиран избор од неговата поезија препеан на македонски од Славе Ѓорѓо Димоски, во издание на „ПНВ Публикации“. Авторот овие денови имаше промоција и на негова книга песни во проза „Бабанија” во издание на „Перун Артис“. Гостувањето на Кирин на фестивалот во Велестово за нас беше причина да поразговараме со него околу многу теми врзани со поезијата, слободата, книжевноста низ неговото искуство и перцепција.

ТРН: Во кој жанр сметате дека имате слобода да бидете попровокативен како писател и зошто?

Ни прозата ни поезијата не се провокативни. Провокативен сум јас кој тоа го создава. Сѐ зависи од тоа што сакаме да кажеме, велат дека темата е она што ја одбира формата. Јас мислам дека така е и овде. Иако јас сум генерално лирски поет, ако се дефинирам себе на некој класичен или прекласичен начин. Повеќето од моите книги се збирки се книги поезија, лирска поезија. Е сега, по одредено време, мислам, тоа беше до некоја од моите книги, да речеме до средината на 2000те, почнав нешто да менувам. А тоа го направив затоа што во меѓувреме напишав една прозна книга, тоа беше книга-албум која морав да ја напишам, со семејни фотографии кои ние ги изгубивме во војната. И тогаш прв пат тргнав кон нешто прозно, дотогаш имав некои прозни форми кои беа многу лоши, но ова беше тема која самата се наметна и морав да ја раскажам. Вид на кратки прозни целини, но секоја од нив ја обработував на различен начин затоа што едноставно така бараше приказната,да се реши поединечно. На пример, можеше да биде исклучиво документарен текст, можеше да биде како мемоарски текст ( да каже нешто мојата мајка), она што го нарекуваме литература која сведочи, или дури мојот брат или сосед… Тогаш почнав поразлично да пристапувам на книжевно ниво. Потоа, се случи, баш во книгата ,,Zbiljka“ првпат да го употребам тоа што се нарекува песни во проза. Не ми беше доволен формат лирската песна со ограничен број зборови да раскажам некаква атмосфера, некое доживување на светот, одредено спознание. Не ми беше доволно тоа да биде во лирски облик, туку морав да преминам кон прозата, која остана на некое микро ниво проста, но така почнав да ги ширам тие граници, по кои заминав којзнае каде.

Фотографии: Антонио Велјаноски за Поетска ноќ во Велестово

ТРН: Дали вас лично и вашето творештво ве имаат обликувано книжевните награди? Како гледате на нив имајќи предвид каква е ситуацијата со нив денес и дискусијата за девалвирањето на книжевните награди поради многу фактори во денешницата?

Во секој случај, тие за мене создадоа некој простор за дејствување. Тие секако не ме обликуваа како поет и писател, но создадоа простор во кој можам да се искажам себеси, да добијам некаква легитимност дека моето пишување е веројатно добро. Во Хрватска сѐ уште нема премногу книжевни награди, иако се појавија неколку нови во последно време, сепак мислам дека се сериозни втемелени . Да речеме, наградата „Горанова пролет“ за најдобра збирка во двегодишен период. Позади таа награда стои едно релевантно жири кое е независно и навистина одбира добро. Секако, не можеме секогаш да се согласиме со одлуките на жирито, но ова секако го почитувам. Досега се одржа три пати и навистина имаше избор на книги кои се многу добри.

Од друга страна, да речеме, во Србија има многу книжевни награди, практично секој поет може да добие некоја награда. Е сега, не би критикувал тука и зборувал за значењето, верувам дека најголемите награди како „Бранко Миљковиќ“ и „Васко Попа“ се уште ја имаат важноста. Кај нас пак во Хрватска, проблемот беше што некои од наградите беа премногу под закрилата на друштвата кои ги основаа тие награди. На пример, Друштво на хрватските писатели или Хрватското друштво на писатели. И тогаш, би рекол дека тоа се идеолошки награди. Веднаш се знае што, кое друштво пропагира, таква ќе биде и наградата. Така што можете да напишете и не знам каква книга, да речеме ако тоа е наградата „Тин Ујевиќ“ на Друштвото на хрватските книжевници, секогаш ќе се случи да една линија биде наградена, но нема да биде некој ваш фаворит. Во ова сум се уверил безброј пати. Иако и тука имало промени и во последните години имаше добри одлуки.

ТРН: Изборот на песни објавен од ПНВ Публикации во Македонија, ве доближува до македонската публика. Како го доживувате како автор македонскиот јазик?

За мене тоа е јазик на музиката. Не знам кога сум се сретнал првпат со него, но тоа е јазик кој не морам ни да го разбирам, можам само да го слушам. Го слушав Андреј Ал-Асади, тоа е феноменално изразено во неговите песни. И како е изговорено и како е напишано, една посвета на македонскиот јазик. Добар дел од впечатокот ми е поради звучноста. Тој одлично тоа го изведува и внесува свежина, поради вметнувањето традиции кои досега се непознати во македонската поезија, а секое проширување во поезијата на тој начин е добредојдено. Да не остане само во некои утабани стазама.

ТРН: На кого се обраќате кога пишувате? Постои ли некој избор на личност, предмет, стварност или несвесен момент преку кој се изразувате кога седнувате да пишувате?

Не постои таква личност, нешто такво. Тоа е самиот текст, а текстот сум самиот јас. Секогаш сакам да се направам себеси задоволен, да напишам нешто што мене ќе ми биде интересно, ако не ми е, добро, поттикнувачко, се плашам дека нема да му биде на никој друг. Ако се обраќам на некој друг, би назначил. Но попрво, тоа што ми се случува е песната да биде резултат од разговор со некој кој ме поттикнал да дојдам до песната.

ТРН: Дали мислите дека кога зборуваме за поезијата се служиме со вистината? Која е најтешката вистина која вие како писател сте ја ставиле во песна некогаш?

Поезијата за мене не е нешто пресметливо. Ако пишуваме за да му се допадне тоа на некој, на критиката, публиката – тогаш тоа не е вистинито. Тие зборови не се вистинити. Ќе бидат ако произлезат од една долга работа, набљудување, читање и се појавува кога нешто во стварноста ја провоцира да се појави во текстот. Нема песна која останува иста како првиот пат кога ќе се појави, постојат само некои исклучоци кога не сум имал потреба нешто да променам. Но, сепак мора да се надоградува и менува, иако таа мора да ја задржува својата почетна идеја која не смее да се изневери. Тоа е таа вистина, без разлика за што и да зборуваме. Дали за Палестина, за инсекти, за луѓе. Имам книга во која многу пишувам за луѓе, и тука се затекнав себеси со тоа прашање за вистината, во смисла дали вистинито пишувам за луѓето. Да, затоа што ги сакам луѓето за кои пишувам, мислам дека токму во сакањето на тоа што се прикажува се наоѓа вистината.

Што е за вас пишувањето поезија? Акт на ослобдување на себе или нешто недофатно и недостижно кое не се трудите да го разберете, туку го чувствувате и делувате низ него?

За мене поезијата секогаш била проширување на слободата, ослободување на себе. Набљудувајќи се самиот себе, можам да кажам дека се ослободував сам себе низ тие зборови. Претходно, можеби сум бил малку воздржан во тоа да кажам нешто, сега дојдов до тоа да можам да кажам што било, и за тоа да ја сносам одговорноста. И тоа е тоа основање на просторот на слободата. Не постои не треба да има апсолутна слобода според мене, инаку не би знаеле што е слобода.

Дали за вас пишувањето е политички отпор и зошто сметате дека е важно да се пишува денес во овие ранливи времиња?

Не верувам во ангажирана книжевност и можеби некој би ми замерил за тоа, но не би напишал никогаш песни поврзани со конкретни состојби. Едноставно сметам дека тоа не е мој начин како би придонел кон воспоставување рамнотежа и мир во светот. Сметам дека поезијата секогаш трга од индивидуалното делување, ако само една личност наведам да размислува поинаку, да види дека светот може да биде добро место и дека може да учествува во тоа создавање добри слики за светот, тоа е веќе еден поен. Мислам дека постојат и други начини, и тоа не е мојот избор.  

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни