Мирко Попов: Порано не беше боље

Мирко Попов е културна појава која артикулура дел од скопската и македонската креативна сцена веќе подолго време. Неговите колумни објавени во Трн секогаш предизвикуваат реакција од читателите, некогаш позитивна, некогаш негативна. Без оглед на тоа Мирко секогаш е доследен на својата животна филозофија и едноставно моравме да го направиме ова интервју во кое ќе ни каже повеќе за себеси и она што го води напред.

Трн: Дали порано беше боље? Иако си дефинитивно застапник на прогресот , напредокот и создавањето иднина, кај тебе се чувствува и некоја интимна потреба да се навраќаш на минатото. Дали сите скопјани страдаат од носталгија?

Мирко: Сите повозрасни луѓе на светот “страдаат“ од носталгија. Таа е неизбежна, а особено кога имаш многу повеќе зад себе, отколку пред себе. Носталгијата е комплексна појава. Како човек кој штотуку зачекорил во шестата деценија од животот, носталгијата ја третирам мошне сериозно, како есенцијален и психички жилав феномен. Ме интересира од сите аспекти: празна, глупава, лажна, нежна, топла, мила, исполнета, вистинска, лековита, болна. За мене лично претставува позитивно чувство и тоа секако зависи од типот на доживувањата, сеќавањата и секако исполнетоста во животот. За жал, многумина, па и несвесно, брутално ја злоупотребуваат, па ја бие лош глас. Но факт е дека ниедна носталгична лага нема да успее да пополни суштинска животна празнина. Кој живеел добро, љубел страсно и лумпувал до касно, знае како било порано. Кој немал живот, сега е маже што лаже и ако сега не му е арно, никогаш не му било, па ни порано. Значи, не. Порано не беше боље.

Трн: Твоја одлика (позитивна, или негативна) е бескомпромисноста. Кај тебе се приметува отсуство на обланда, особено кога ги кажуваш твоите ставови. Не е лесно да се биде прогресивен, космополит, во општество кое се повеќе се врти кон конзервативизам и кон десно.  Дали тоа ти предизвикува проблеми понекогаш?

Мирко: Види, правам јас компромиси цело време, но не на штета на квалитетот. Само еднаш се живее и сосем е бесмислено да живееш помалку квалитетен живот, само за да ти бидат полесни некои работи. Луѓето конформираат без многу размислување, а олеснувањата секогаш доаѓаат со цена, која се одразува негативно на квалитетот на животот. И бууум – сите незадоволни, па некој друг им е виновен. Постапувам како што ми налагаат воспитанието, образованието, здравиот разум и конструктивноста. Испаѓа дека тоа е потешкиот пат, но потешкиот пат е секогаш подобриот. Знаеш точно колку вреди животот, колку вредат луѓето па и парите кои ги имаш. Воспитуван сум од добри луѓе кои во мене вложиле многу време, љубов и внимание. Воспитуван сум во прогресивен и космополитски дух. Нема шанси таа привилегија да не ја искористам. Сакам да креирам, сакам да го променам општеството на подобро, сакам да им покажам на луѓето. Се разбира, тоа има своја цена, но подготвен сум да ја платам. Знам дека сум на добар пат.

Трн: Некои работи кои ги земавме здраво за готово (како родовата еднаквост, на пример) се загрозени од напливот на тие конзервативни идеологии и политики. Те плаши ли насоката во која се движи светов?

Мирко: Ме загрижува, но не ме плаши. Светот и животот се едно големо тркало кое се врти. Она што било горе паѓа долу и обратно. Се чини дека конзервативизмот и фашизоидноста се неверојатно популарни. Многу нешта потсеќаат на состојбата од пред Втората светска војна. Повампирен примитивизам, кој наоѓа се помасовно одобрување кај сите слоеви од општеството. Историјата не успева ама баш ништо да нѐ научи. Деновиве народот е фашизмот. Сепак не се плашам. Колку и да зема замав примитивизмот, силите на прогресот и љубовта секогаш преoвладуваат. Креацијата секогаш била посилна од деструкцијата. Животот посилен од смртта. Не им се плашам на беззабите култови на смртта, колку и да непосредно ми се закануваат. Тркалото на историјата секогаш ќе го најде патот нагоре. Ние сме тука да му помогнеме.

Трн: Музичар, продуцент, диџеј. Дали некогаш си направил попис на сите твои дела, песни, продукции, изданија, настани?

Мирко: Архивирањето никогаш не било силна страна на Македонецот. Оттаму и проблемите со идентитетот. Поучен од тоа, се трудам да сочувам буквално се што сум сработил. Да имам некаков артефакт во мојата приватна архива. Конкретна статистика немам. Бројките не ги знам. Но знам дека не запирам во креацијата, а продуктивноста и работната етика ми го спасија животот. Песните што ги правам, или некои проекти, изданија, акции, настани…. се многу подобри и поголеми од мене. Дел сум од нешто поголемо. Пресреќен сум заради тоа.

Трн: Зошто стана диџеј и кога се случи тоа? Како би го формулирал твојот музички стил? Кажи ни нешто и за џез платформите кои ги развиваш.

Мирко:: Наспроти популарната мисконцепција дека сум станал диџеј ради манекенки, фактите говорат дека во таа, денес толку потценета професија, безглаво се втурнав единствено ради можноста да бидам блиску, поточно во центарот на музичките случувања. Такви времиња беа на почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Освен есенцијално присуство, диџеингот ми обезбеди и музичко образование од уникатен тип. Инаку не сум подреден на ниту еден жанр. Музиката за мене е говорниот јазик на Универзумот, а мојот музички стил преферира авантуристички мелодични структури, кои бликаат со ритам и надеж. Сакам да посетам чудесни места, а со себе да ја понесам и публиката. Така некако би ја опишал и џез платформата, која последниве години ја развиваме заедно со неверојатниот Владан Дробицки (Сетстат, МОБ) и прекрасната Виолета Качакова. Неверојатно разновидна и возбудлива современа македонска музика, која ги кине сите граници на било кој жанр, па сепак е доследна на високо софистицираната слобода која ја обезбедува зборот џез.

Трн: По пандемијата, многумина престанаа да ја планираат иднината подолга од шест месеци. Имаш ли некоја визија за Мирко во иднината?

Мирко: Има пар децении како сфатив дека во Македонија, особено во областа каде што јас работам – културата, е невозможно да се планира подолго од шест месеци однапред. И шест месеци се многу. Премногу варијабили, премалку константи. Културата, по сите параметри е на последното место во Македонија и тоа се одразува по сите параметри. Во отсуство на посериозна свест, пазар и било каква државна стратегија, условите за работа во културата се благо речено бизарни. Не сакам да се жалам, искрено и напорно работам во дадените услови, ама планирањето се сведува на “од денес за утре“. И пред муабетов да се претвори во лајф – коучинг мазохизам, ќе истакнам: ДА, ИМАМ ВИЗИЈА ЗА МИРКО ВО ИДНИНАТА. Активен, динамичен старец, кој се уште креира културен контент, кој има каков-таков импакт врз општеството. Подвижен дедо, сеуште интересен за помладите генерации, поканет овде-онде да соработува на некои интересни проекти. Распишуван, а што да не и распеан чичко дедо на четири тркалца, кој до последниот здив има ентузијазам и амбиција да го кажува токму она што го мисли, на што е можно по-поетичен начин.

Трн: Веруваш ли во Дедо Мраз, кои се твоите желби за 2024 и која е твојата новогодишна одлука?

Се разбира дека верувам. Верувам дека МАГИЈАТА СЕ БРАНИ СЕБЕ СИ (MAGICK DEFENDS ITSELF). Универзумот има потреба од баланс. Не случајно сите негови параметри се прецизно поставени за целиот овој прекрасен идиотизам да постои. Не случајно и целава галактичка багра, која безумно дивее околу нас. Не случајно и ние, полусвесната багра на истото место. Некој мора да работи на балансот. Ако ништо друго, сатисфакцијата е огромна. Вистински дар во континуитет. Дедо Мраз, подароци… рај на земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни