Шест дена по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, граѓаните на Кочани денеска во 15 часот во Паркот на Револуцијата организираа едночасовен мирен собир во знак на почит кон загинатите и со поддршка за закрепнување на повредените.
На собирот немаше официјален говор, а присутните истакнаа дека се организирале спонатано, со повик преку социјалните мрежи. Со пораки испишани на транспаренти, тие порачаа дека бараат правда, a правосудните институции да го расчистат случајот до крај.
– Сите загинати и повредени ги чувствуваме како наши деца. Со длабока болка тагуваме поради несреќата што се случи и им даваме поддршка на нивните родители и блиски да имаат сила да го издржат сето ова. Очекуваме целосно разоткривање на причините и виновниците кои ја предизвикаа оваа страшна трагедија и градот го завија во црно. Истовремено, се молиме повредените дечиња што побрзо да закрепнат и да се вратат дома, истакна Марин Стојанов, учесник на собирот.
Граѓаните повторно им дадоа поддршка и на лицата од обезбедувањето во дискотеката, кои ги извлекувале и спасувале младите, а наместо да се лекуваат од повредите, тие се осомничени и се наоѓаат во притвор.
Собирот заврши со мирен марш по улиците во централното градско подрачје на Кочани, а граѓаните порачаа дека ќе продолжат да се собираат и во наредните денови.